На годишнината од руската инвазија врз Украина, САД соопштија дека воведуваат нови санкции против Русија, пренесуваат американските медиуми.
Белата куќа соопшти дека САД ќе воведат санкции за 200 поединци и субјекти од руско, но и потекло од други земји во Европа, Азија и Блискиот Исток, кои ги поддржуваат воените напори на Русија. На листата се наоѓаат и десетина руски финансиски институции.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, вчера изјави дека мерките ќе бидат насочени кон „клучните сектори кои генерираат приходи за Путин“, руски банки, ентитети од руската одбранбена технолошка индустрија, но не само од Русија, туку и други земји кои се обидуваат да ги избегнат санкциите на САД.
Освен ова, најавени се и неколку активности за контрола на извозот за речиси 90 руски и компании од трети земји, вклучително и од Кина, поради избегнување на воведените санкции. Претседателот на САД Џо Бајден денеска ќе потпише документ за зголемување на царините за повеќе од 100 руски хемиски производи, како и производи од метали и минерали./Мета.мк