Саем на книгата од 18 до 24 април 

Сподели

Со над 30 промотивни настани, од утре, 18 април, до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 36. издание на Саемот на книгата.

Слоганот е „Приказна се чита“, чија цел е да го доближи Саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Даниела Глигоровска, управителка на „Скопски саем“, на брифинг со новинарите најави дека Саемот ќе биде отворен за посетители во 10 часот, а во 13 часот ќе биде официјалното отворање, при што обраќање ќе има министерката за култура, со оглед на тоа што Министерството за култура е покровител, а Саемот на книгата е прогласен за проект од национален интерес во културата.

Работното време на Саемот на книгата ќе биде од 10 до 20 часот.