Саем за вработување: 70.000 невработени доставиле биографии до фирмите

Сподели

70.000 невработени лица доставиле биографии на двата одржани каравана саеми за вработување кои досега ги организира Агенцијата за вработување во повеќе градови во Македонија.

Денеска со Саемот за вработување во Скопје завршува третиот по ред караван на кој учествуваат 50-ина фирми кои пред заинтересираните невработени лица од Скопскиот регион ја претставуваат својата дејност и слободните работни места.

Саемите за вработувања што ги организира Агенцијата за вработување се една од мерките кои во континуитет се реализираат со цел поврзување на понудата и побарувачката на работната сила.

Овој циклус саеми за вработувања почна пред еден месец во Скопје и ги опфати Штип, Кавадарци, Битола, Тетово и Струмица. Сите посетители на саемите имаа можност да се запознаат со условите што ги нудат работодавачите за вработување, како и за нивно вклучување во активните мерки и програми што ги реализира Агенцијата. Се нуди и можноста да закажат интервју со работодавачите, да остават своја работна биографија и да добијат информации за побарувањата на пазарот на трудот. Во рамките на саемите се организираат и форуми со работодавачи и инфо-средби со млади лица.