САМИТ НА ЕУ ВО БРАТИСЛАВА: РЕФОРМИ ВО УНИЈАТА

Сподели

vlajka_eu

Лидерите на 27 земји-членки на Европската унија ќе се соберат утре во Братислава на неформален, но многу важен самит, на кој главна тема ќе биде иднината на Унијата без Велика Британија.

Првиот голем состанок на лидерите на ЕУ без Британија ќе има две цели, пишува „Блумберг“, наведувајќи дека на европските влади како прво им е потребен план за идниот однос кон Британците, а како второ план за реформирање на самата Унија.

Во двата случаи целта би требала да биде на крајот да се обезбеди заминувањето на Британија да го зајакне, а не да го ослабне европскиот проект, пренесува Танјуг.

Формалните преговори за Брегзит ќе почнат на почетокот на следната година, а најважното прашање уште сега е познато – спорот меѓу британската желба за преференцијален пристап на европското единство на пазарот и инстистирањето на ЕУ таквиот пристап да подразбира слободно движење на работниците во Британија.

Како што претходно најави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, тема на разговорите во Братислава нема да биде само Брегзит, туку и преземањето „политичка контрола врз заедничката иднина“. Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за решавање на мигрантската криза, јакнење на безбедноста и одбранбената соработка, борбата против тероризмот.

Словачкиот премиер и домаќин на самитот Роберт Фицо во пресрет на самитот изјави дека состанокот треба да одговори на прашањето каде е денес ЕУ, но и да изнесе теми, кои покажуваат дека таа е проект за кој вреди да се бори.