Саша Богдановиќ: Ние лошиот ДУП го менуваме со поквалитетен

Сподели

 

На презентацијата која се одржа денеска по Предлог Деталниот урбанистички план за Мал ринг, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ изјави дека општината ќе интервенира во деловите од површините за катната гаража кај собраниската зграда, Шпански скали и комплексот Мајка Тереза, откако ќе завршат судските процеси, по што граѓаните би одлучиле што сакаат да има таму.

 

 

“Овој ДУП ќе биде многу поквалитетен и во интерес на граѓаните и на Општина Центар. Како градоначалник на Општина Центар сакам да посочам дека Општина Центар до сега не преземала никакви дејствија со кои се нанесува штета на општината или државата. Ние само лошиот ДУП го менуваме со поквалитетен. Против проектот Скопје 2014, кој е легален криминал, се бориме со легални средства. До сега како градоначалник, не дозволив да се изградат Шпански скали во Централното градско подрачје, заедно со граѓаните се боревме и не дозволивме да се изгради катна гаража во паркот позади Домот на АРМ. Во Центар сврте бројчаникот, вративме 30 милиони денари, пари на граѓаните од „мостот Око“. Во предлог планот ги избришавме трите неизградени галии, 15 сендвичари или киосци, фонтани и споменици, за кои не се започнати управни дејствија. Успеавме и да го избришеме „Газебото“ пред МЕПСО, како и да го збогатиме просторот со нови зелени површини (во западниот дел на улица Орце Николов). Против криминалот се бориме со легални правни средства: Поднесов до ОЈО 27 кривични пријави за проектот Скопје 2014. Како голем успех го сметаме проектот што сите државни парцели наменети за згради ги пренаменивме во објекти за култура – изјави Богдановиќ.