СДСМ бара проверка на јавните набавки во сите општини

Сподели

petre-silegov

„Власта во заминување преку финансиската полиција спроведува нарачана, одмаздувачка мисија во Струмица и во Куманово, општини раководени од СДСМ. Цели 10 години овие општини се под постојани, интезивни контроли на бројните партизирани институции. Струмица и Куманово нема што да кријат. Постапките и јавните набавки се во согласност со законите“, изјави денеска Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

– Бараме финансиската полиција јавно да ги објави резултатите од спроведената контрола. ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребува институциите со намера да го сокрие криминалот во своите редови, на локално и на централно ниво. Со ваквите постапки ВМРО-ДПМНЕ очајно се обидува пред јавноста да ги изедначи сите и да ги претстави како криминалци. Но, во политиката, како и во животот, не сме сите исти. Гнездото на криминалот и на корупцијата во Македонија е во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Вистински хаос, криминал, корупција и финансиски скандали се случуваат во општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Типичен пример за тоа се Општина Битола и градоначалникот Талески. Неговиот криминал со превоз на ученици лично го опиша Зоран Ставрески, Специјалното јавно обвинителство оформи предмет, а судот изрече мерка притвор на Талески. Финансиската полиција има обврска да ги провери сите јавни набавки во другите општини на државата и јавно да соопшти што пронашле. Притоа да обезбеди јавност и транспарентност во постапките – изјави Шилгов.

Тој рече дека денеска јавно поднесуваат пријава до финансиската полиција за таа да ги провери јавните набавки за превоз на ученици во сите општини во Македонија.

– Идентично, како тоа што го прави во Струмица и во Куманово. Ако тоа не го направат првите луѓе на финансиската полиција, треба да знаат дека ќе одговараат за несовесно, пристрасно работење и за заштита на криминални активности – изјави Шилегов.