СДСМ преку писмено соопштение им изрази благодарност на САД и на ЕУ, бидејќи, како што велат од партијата, продолжуваат да ги поддржуваат стратешките интереси на Република Македонија.
„Јасно изразената поддршка од САД на демократските процеси во Македонија и на евроатланските интеграции на земјата е од огромно значење за граѓаните на Република Македонија и за просперитетна иднина на државата. Демократските реформи, владеењето на правото, целосното имплементирање на Договорот од Пржино, интеграцијата во НАТО и во ЕУ, што Стејт департментот ги посочи како важни за нашата држава, се волја и на мнозинството граѓани на Македонија, јасно изразена на парламентарните избори во земјава“, се вели во соопштението од СДСМ.
Според СДСМ, пораките што доаѓаат од САД и од Европската Унија покажуваат со колкава одговорност се соочуваат политичките субјекти во Македонија во период кога се носат клучните одлуки за иднината на државата и за форматот и за приоритетите на идната влада.