Освен по огромниот степен на сиромаштија, криминал и корупција, 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметено и по целосната неодговорност и негрижа за културното и историско наследство на Македонија.
Состојбата со Музејот на Македонија кој е целосно запуштен и руиниран со срушени плафони и мувлосани ѕидови, кадешто над 120 вредни икони се чувале во крајно несоодветни услови е само еден од доказите за незаинтересираноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ за заштита на културното наследство.
Долгогодишната негрижа на ВМРО-ДПМНЕ за вистинското културно наследство за која јавноста и СДСМ долго укажуваа, резултира со огормни штети врз најзначајните културно историски градби. Такви се случаите со грозоморните градби врз археолошки остатоци на Плаошник, алармантната состојба со античкиот локалитет Хераклеа, целосната запуштеност на скопскиот аквадукт, пропаѓањето на фреската „Ангелот од Курбиново“ во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Курбиново, запуштеноста на скопското Кале и негово искористување во политички и партиски цели, како и загрозувањето на културното наследство во локалитетот „Скупи“.
Додека вистинското историско и културно наследство беше занемарувано и оставено да скапува и да се распаѓа, ВМРО-ДПМНЕ ги трошеше парите на граѓаните на сомнителни тендери за градење на лажен барок, скапи споменици и „новокомпонирани“ културни наследства како Порта Македонија и Музејот на ВМРО за кои се потрошија над 23 милиони евра пари на граѓаните.
Со таквиот однос кон културното и историското наследство, ВМРО-ДПМНЕ ги погази идентитетот, националните и државните интереси. Времето на лажен барок и скапи споменици заврши. Новата Влада предводена од СДСМ посветено ќе работи на санирање на штетите што ВМРО-ДПМНЕ им ги направи на граѓаните и државата, а посебен акцент ќе се стави на заштитата на објектите кои се од вистинско културно и историско значење за граѓаните на Република Македонија.