СДСМ отвори повик за самокандидирање на кандидати за Претседател на Република Македонија за Претседателските избори 2019 година.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги повикува сите заинтересирани да поднесат кандидатура за Претседател на Република Македонија за Претседателските избори 2019 година, а притоа да ги исполнуваат критериумите од Правилникот и роковникот за постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидати за Претседател на Република Македонија за Претседателските избори 2019 година.
Во огласот се наведени четири критериуми кои се бараат од кандидатите: да е личност со висок општествен углед, да биде способен за извршување на високи државнички функции, да ужива доверба на членството и симпатизерите на СДСМ, како и да биде личност која на најдобар начин ќе ја оживотворува политиката на СДСМ и ќе работи на реализација на стратешките приоритети на Република Македонија-полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и меѓународна афирмација и промоција на Република Македонија.
Заинтересираните кандидати за Претседател на Република Македонија своите кандидатури треба да ги достават најдоцна до 19.02.2019 година до Извршниот одбор на ЦО на СДСМ, во седиштето на СДСМ на ул.Бихаќка број 8 Скопје – стои во објавата за оглас.