Со денови Христијан Мицкоски се силеше дека има ново парламентарно мнозинство, мафташе пред јавноста со некакви списоци, а вчера кога се поднесуваше иницијативата го снема никаде и го пушти Александар Николовски да се бламира во Собранието.
Четврток е денот кога ќе се види дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да собере доволно пратеници за изгласување недоверба на Владата или пак на површина ќе исплива уште еден блеф на Мицкоски, се наведува во соопштението на СДСМ.
Дали вчерашниот молк е доказ за стравот на Мицкоски од нов дебакл, дали во меѓувреме му испари долго најавуваното мнозинство?
Во меѓувреме, СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ.
Заедно, демократските, проевропски партии нема да дозволиме само заради пуста желба за власт, Мицкоски, Апасиев и Груевски државата да ја носат удолу, а народот да страда како во оние 11 години на режимот.
Нема да дозволиме ниту загрозување на се она што досега е постигнато, на Договорот од Преспа, на Охридскиот рамковен договор, на Договорот за доброседство со Бугарија, на заедничкото едно и еднакво општество.
Огромното мнозинство наши граѓани но и пратеници, застануваат зад заедничката кауза, граѓанска и државничка.
Нашите заеднички вредности се демократијата, слободата и заедништвото и тие се многу посилни од заедничките интереси на Мицкоски, Села и Апасиев кои сакаат државата да ја вратат назад, во времето на изолација, поделби и омраза.
СДСМ, соопштение