Се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките кај македонците

Сподели

Согласно податоците за реализирани трансакции во текот на 2018 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст. Во текот на 2018 година реализирани се вкупно 5.435.285 онлајн трансакции, наспроти 4.293.214 онлајн трансакции во текот на 2017 година што претставува пораст од 21%.

Граѓаните во текот на 2018 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на 2018 година граѓаните на Северна Македонија потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година.

„Во оваа категорија, евидентно е дека поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија, поголем дел од трансакциите се насочени кон странски веб страни, односно странски онлајн продавници. Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 36% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија“, oбјаснува Филип Чижбановски, заменик претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија .