Во репродуктивниот центар за европски елен во Националниот парк Галичица, се родија првите еленчиња. Во периодот кој следи, од паркот очекуваат на свет да дојдат уште нови младенчиња. Овој центар е распространет на стотина хектари, во кој се донесени 24 женки и шест мажјаци од овие елени. Тој е опремен со модерна инфраструктура: карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници, а елените ќе се користат исклучиво за активно управување и одржување на уникатните екосистеми на Галичица, а не како ловиште.
– Главната цел на овој проект е да се подобри управувањето на Националниот парк Галичица преку заштита, конзервација на уникатната биолошката разновидност и спроведување на мониторинг – велат од Одделението за заштита на природата од паркот.
Активностите кои Националниот парк и Друштвото за проучување и заштита на биодиверзитетот и одржлив развој на природните екосистеми од Скопје ги спроведуваат, се во рамки проектот „Подобрување на заштитата, конзервацијата и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“, вреден 340.000 евра.
Проектот е дел од поголемата Програма за подобрување со управувањето на заштитените подрачја, во износ од 4,3 милиони евра, финансирана од Европската унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.