Сè уште се извлекуваат преживеани од земјотресот

Сподели

 

Ибрахим Закарија целосно изгубил осет за времето паѓајќи во и будејќи се од бессознание додека затрупан речиси пет дена во урнатините на својот дом по големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија оваа недела, објави „Асошиејтед прес“.

Дваесет и три-годишниот вработен во продавница за мобилни телефони од сирискиот град Џабле преживеал пиејќи валкани капки вода и на крајот изгубил надеж дека ќе биде спасен.

„Си реков дека сум мртов и дека ќе биде невозможно повторно да живеам“, изјави Закарија, кој беше спасен во петокот вечерта. Тој сега е во болница во крајбрежниот град Латакија, каде закрепнува заедно со својата 60-годишна мајка, Духа Нурала.

Пет дена откако два силни земјотреси во интервал од неколку часа предизвикаа уривање на илјадници згради, убивајќи повеќе од 28.000 луѓе и оставајќи милиони без покрив над главата, спасувачите сè уште извлекуваат преживеани од урнатините – меѓу нив у 7-месечно бебе.

Повеќе од десетина преживеани беа спасени во саботата, вклучително и семејство во Караманмарас, турскиот град најблиску до епицентарот на земјотресот. Екипите таму ѝ помогнаа на 12-годишната Нехир Наз Нарли да се врати на безбедно кај своите родители.

Во турската провинција Газиантеп, која граничи со Сирија, петчлено семејство беше спасено од урната зграда во градот Нурдаги, а маж и неговата 3-годишна ќерка беа извлечени од урнатините во градот Ислахије, објави телевизиската мрежа ХаберТурк.

Во провинцијата Хатај е спасено и 7-годишно девојче. Во Елбистан, област во провинцијата Караманмарас, 20-годишната Мелиса Улку и уште едно лице беа спасени од урнатините 132 часа по земјотресот. Пред да бидат извлечени на безбедно, полицијата ги замолила присутните да не навиваат или ракоплескаат за да не ги нарушат спасувачките напори.

Турската телевизија НТВ објави дека 44-годишен маж во Искендерун, во провинцијата Хатај, бил спасен 138 часа по земјотресот. Спасувачите не очекувале да најдат некој жив, но додека копале, му ги виделе очите и тој го кажал своето име. НТВ, исто така, објави дека машко бебе по име Хамза било пронајдено живо во Антакија 140 часа по земјотресот. Некои детали од неговото спасување, вклучително и како преживеал толку долго, не беа веднаш јасни.

Не секој обид заврши среќно. Зејнеп Караман, која беше извадена од урнатините по спектакуларното спасување кое траеше 50 часа, почина во болница во текот на ноќта. Членовите на германскиот тим ИСАР кој ја спаси беа шокирани и тажни.

„Важно е семејството да може да се збогува, да се видат уште еднаш, да може повторно да се прегрнат“, изјави член на спасувачката екипа за германскиот ТВ канал n-tv.

Спасувањето дојде во услови на зголемена фрустрација поради одговорот на турската влада на земјотресот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно во текот на неделата потврди дека првичниот одговор бил отежнат од големата штета на патиштата и другата инфраструктура што го отежнувала достигнувањето на некои точки.

Тој, исто така, рече дека најпогодената област е со дијаметар од 500 километри и е дом на 13,5 милиони луѓе во Турција. Тоа значеше дека спасувачките екипи мораа да изберат како и каде да помогнат. За време на посетата на градовите оштетени од земјотресот во саботата, Ердоган рече дека катастрофа од ваков обем е ретка и повторно ја нарече „катастрофа на векот“./Мета.мк