Се запира впишување на националноста во матичните книги на родени, венчани и умрени

Сподели

 

Уставниот суд на седница одлучи да поведе постапка за делови од три члена од Законот за матична евиденција во кои е содржан зборот „националност” во изводите за родени, венчани и умрени.

Имено, Судот изрази сомнеж во уставноста на членот 4 став 1 точка 2 во делот националност, членот 11 став 1 точка 1, во делот националност и членот 13 став 1 точка еден во делот националност.  

Во следниот период Уставниот суд ќе оценува дали е уставно покрај наведените лични податоци како што се име, презиме, податоци за раѓање и живеалиште, граѓаните да ја наведуваат и својата националност во матичните книги на родените, на венчаните и умрените. 

Според Судот припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува по ова. 

Уставниот суд смета дека овие одредби се во спротивност со неколку членови од Уставот, како што е владеењето на правото, членот 18 кој ја гарантира тајноста на личните податоци.

Од денеска, се додека Судот конечно не се изјасни конечно, не смее од граѓаните да се бараат податоци за националност при впишување во матичните книги на родени, венчани и умрени. 

Иницијативата е поденсена на 3 јули 2023 година од страна на политичка партија „Левица”.