Наскоро Швеѓаните ќе се забавуваат со авантурите на култниот македонски лик Зоки Поки. Десетте епизоди од истоимената ТВ-серија ќе се емитуваат ексклузивно на Шведската национална телевизија SVT, односно на нивниот специјализиран канал за детска програма „SVT Barn“.
SVT, шведскиот еквивалент на МРТВ, е најшироко распространетата телевизија во Шведска и има најголем опсег на програми од сите телевизии во земјата. „Зоки Поки“ е првата македонска серија и воопшто програма од овие простори што ќе се емитува на оваа телевизија.
Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки ќе зборуваат на шведски, а преку нивните забавни и поучни искуства ќе се зајакнуваат вредностите на едукација, родова еднаквост, диверзитет и квалитет кон кои се стреми Шведската национална телевизија.
Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.