Северна Кореја тестираше „револуционерен” мотор за ракети

Сподели

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денес се појави на државните медиуми со широка насмевка при што навести дека ќе влезат во нова ера на ракетната технологија, испраќајќи ја токму спротивната порака побарана од страна на САД и нејзините регионални сојузници, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што се наведува, Ким го надгледувал тестирањето на моторот на ракета во базата Сохае.

Тој нагласи дека целиот свет наскоро ќе се увери во важноста на ова откритие, пренесува севернокорејската агенција КЦНА.

Експертите, циритани од јужнокорејската новинска агенција Јонхап, посочија дека тестирањето било слично како и експериментот минатиот септември, но пламенот прикажан на најновата снимка индицира дека Пјонгјанг можеби има мотор со кој ракетите можат да се лансираат на голема оддалеченост, дури и до САД.

Ким Џонг-ун на почетокот на оваа година тврдеше дека неговата земја се подготвува да тестира интерконтинентална балистичка ракета, чие тестирање на моторот може да претставува чекор напред.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, во текот на викендот беше во посета на Кина како последна дестинација од турнејата на трите нации во Југоисточна Азија.

Северна Кореја доминираше на дневниот ред на Тилерсон, при што Вашингтон бара нови начини да се спречат нуклеарните амбиции на Пјонгјанг за што претходните напори, вклучувајќи преговори и санкции, не успеаја.