Пријателството со Бугарија и Грција е „заразно“ и се рашири низ целиот регион. Сега сме пријатели со Албанија, со Србија, со Косово, Црна Гора Босна и Херцеговина, и се поттикнуваа пријателски односи меѓу сите земји одделно, споделуваме искуства, се поддржуваме едни со други, и ѝ покажуваме на ЕУ дека можеме да соработуваме и да градиме еден друг Балкан на нашиот пат до ЕУ и НАТО, рече Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вечерва во интервју за ТВ Шења.
„Кога станува збор за нашето членство во НАТО и за придобивките од полноправното учество во најмоќната безбедносна алијанса во светот, освен сигурност и стабилност, тоа значи и големи економски придобивки. За кусо време Северна Македонија, компаниите од нашата земја ќе се стекнат со право да учествуваат во логистиката на работата и операциите на НАТО. Тоа значи пристап до десеттици милијарди евра и затоа ги подготвуваме сите услови нашите компании да бидат подготвени. Во таа насока на последната седница го усвоивме и во постапка на усвојување во Собранието го пуштивме Предлог-Законот за стратешки инвестиции. Тоа законско решение ќе овозможи во земјата да дојдат големи инвестиции од најмалку 100 милиони евра на национално ниво. Најавувам 5 такви големи инвестиции. Се работи за инвестиции од посебен, јавен интерес, и затоа одлучивме дека тие треба да бидат одобрени и поддржани во Собранието“ рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ Шења.
Најважно за нон-пејперот што дојде од Франција е дека во него апсолутно е предвидено дека крајната цел на новата методологија е членство во ЕУ за земјите од Западен Балкан, рече премиерот Заев.
„Нон-пејперот беше испратен до нас истовремено кога беше споделен со другите земји членки на ЕУ. Сега тој документ треба формално да го допрецизира Европската Комисија и тој да биде официјален и прифатен во Европскиот Совет. Побарано е од нас да го дадеме нашето мислење и ние ќе го направиме тоа. На нас останува да продолжиме со реформите и со оставрување на ЕУ стандардите дома. Да не заборавиме, најголемиот раст земјите кандидати за членство во ЕУ, го постигнуваа за време на преговорите, кога фокусот беше на домашните реформи и на трансформација на општествата на земјите според европските стандарди“, рече премиерот Заев во вечерашното интервју.