Севернокорејски дипломати пристигнаа во Малезија да го преземат телото на Ким Џонг-нам

Сподели

Висока делегација на Северна Кореја денес пристигна во Куала Лумпур за да го преземе телото на Ким Џонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Anadolu Agency (AA).

Телото на Ким Џонг-нам, којшто беше убиен на 13. февруари на аеродромот во малезискиот главен град, се наоѓа во средиште на дипломатска војна меѓу Северна Кореја и Малезија. Пјонгјанг им се спротивстави на малезиските власти и на вршењето обдукција, додека Малезија одби да го предаде телото без добивање примероци од ДНК и потврда од најблиските роднини на Џонг-нам.

Во делегацијата на севернокорејските официјални лица се наоѓа и Ри Тонг Ил, поранешниот заменик-амбасадор во ОН, кој пред амбасадата на Северна Кореја соопшти дека дипломатите дошле во Малезија за да го преземат телото и да ги ослободат граѓаните на таа земја уапсени во Куала Лумпур во врска со убиството.

Тој истакна и дека делегацијата бара развој на пријателските односи меѓу Северна Кореја и Малезија.

Малезија потврди дека цел на нападот бил Ким Џонг-нам и дека со Обединетите нации (ОН) ќе ги сподели доказите за нервниот агенс VX, со кој беше убиен. Од друга страна, Северна Кореја го идентификуваше само како граѓанин на таа држава, кој има дипломатски пасош.

Ким Џонг-нам, беше убиен на 13. февруари на Меѓународниот аеродром во Куала Лумпур. После тоа, приведени се четири лица, државјани на Индонезија, Виетнам, Малезија и Северна Кореја.

Полицијата во Малезија соопшти дека четирите лица за кои постои сомнение дека се на релација Џакарта-Дубаи-Владивосток преминале во Пјонгјанг и дека се барани со потерници на Интерпол.

„VX “ е силно хемиско оружје кое ОН го окарактеризираа како оружје за масовно уништување. Капка на кожата може да биде фатална. Неговото производство и складирање на количини поголеми од 100 грама е забрането со Конвенцијата за хемиско оружје од 1993 година.

Anadolu Agency