Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот – и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите – пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). Но, бројот на смртни случаи се искачи над 40 и овој тренд продолжи и во текот на септември. Експертите ова го опишаа како „огромен автобус полн со патници кој секој ден излетува од патот и паѓа во бездна“.
Откако успеа да го сузбие првиот бран на Ковид-19, Грција постојано беше посочувана како пример во справувањето со оваа пандемија. Сега, додека трае четвртиот бран, недоволниот опфат со вакцинација се покажува како ахилова пета во обидите на државата за конечното справување со пандемијата.
По неколку полициски часови кои имаа различен опфат и интензитет (од кои најстрогиот траеше повеќе од пет месеци – до средината на април 2021 година), грчката Влада објави дека ги укинува сите ограничувања, вклучувајќи го и полицискиот час навечер и ограничувањата за број на публика која може да присуствува во затворени капацитети, за вакцинираните посетители. Оние кои не се вакцинирани и понатаму имаат ограничувања за влез за повеќето активности кои се случуваат на затворени и тие самите треба да го платат тестирањето кое се прави на нивното работно место.
Сегашна состојба
Од почетокот на пандемијата (февруари 2020 година) до 8 октомври 2021 година, Грција потврди дека има вкупно 673.317 случаи со Ковид-19 и 15.069 смртни случаи, на население кое брои околу 10,5 милиони луѓе. Со ова, државата е на 69-то место во глобални рамки на потврдени случаи, пропорционално на бројот на жители, од вкупно 200 ентитети кои се следат од платформата Our World in Data, и на 49-то место според бројот на смртни случаи – и двете бројки се под просекот на ЕУ.
Дневни случаи на новозаразени со Ковид-19 (просек од 7 дена). Извор: Greek government Covid-19 dashboard, податоците од 8 октомври 2021 год.
Грција во моментов се бори со четвртиот бран на Ковид-19. Дневниот број на новозаразени, во пикот на овој бран, е зголемен во споредба со претходните бранови, и неколкупати надмина 4.000 случаи во еден ден. Ова делумно се должи на доминантното присуство на делта варијантата на вирусот, која полесно се пренесува, во текот на летото, и делумно на зголемувањето на систематското тестирање кое овозможи да се откријат повеќе случаи.
Дневни смртни случаи од Ковид-19 (просек од 7 дена).
Додека го пишуваме ова, Грција е една од државите во светот во кои се врши најинтензивно тестирање – 18,4 тестови на ден на илјада луѓе (според Our World in Data), со што таа е на 4 место, веднаш по Кипар, Австрија и Обединетите Арапски Емирати, а на крајот од 2020 година правеше само 2 теста на илјада луѓе. Бројот на тестови се зголеми со воведувањето на масовно тестирање во училиштата и на работните места, како и барањето за поседување на Ковид сертификати за патување и за други активности, кои беа постепено воведувани во текот на летото.
Сериозни случаи со Ковид-19 кои се хоспитализирани (пациенти на интубација, просек од 7 дена).
Смртните случаи и сериозните случаи на хоспитализација не се зголемија со истата стапка – факто кој ја докажува ефикасноста на вакцините кои беа воведени на почетокот од оваа година. Сепак, Грција не успеа да го контролира влијанието на вирусот во ист степен како и другите држави во Европа.
Државата беше поздравена како една од успешните приказни од првиот бран благодарение на ниската стапка на изложеност и брзото спроведување на мерките, а нејзината стапка на смртност од Ковид-19 беше нешто над половина од просекот на ЕУ до крајот на 2020 година. Од почетокот на 2021 година, стапката на смртност го надмина просекот на ЕУ и таа е повисока за 60% за истиот период од онаа на Шведска, која е позната по тоа што не воведе полициски час (Грција ги помина првите четири месеци од годината во строг полициски час).
Вкупно смртни случаи на 1 милион население, пред и по примената на вакцините, во Грција, ЕУ и соседните држави.
Извор: Our World in Data.
Повеќе од две третини од смртните случаи се случиле во деветте месеци откако вакцините станале достапни, во споредба со единаесетте месеци претходно.
Има неколку фактори за кои е јасно дека се во игра, вклучувајќи и делумно наметнување на (и усогласеност со) јавните мерки за здравствена заштита и слабиот здравствен систем, но јасно е дека Грција не успеа целосно да го искористи изобилието од достапни вакцини за да ги сузбие најсериозните ефекти од Ковид-19, и тоа на начин како што направиле споредливи европски земји.
Слобода која не е на дофат
Грција не успеа да ја постигне целта зацртана од ЕУ за вакцинирање на 70 отсто од возрасното население до крајот на летото (да споменеме и дека ЕУ во целина исто така не успеа да ја достигне оваа цел, и покрај неколкуте чесни исклучоци кои покажаа дека ова сепак беше возможно). Исто така не успеа да оствари значителен напредок кон своите цели – вакцинирање со прва доза на мнозинството лица над 60 годишна возраст до летниот период.
Според ECDC, до 8 октомври вакцинирани со прва доза беа малку над 60% од населението, додека 58% од населението беше целосно вакцинирано. Според ЕУ. 68% од населението има примено една доза а 63% се целосно вакцинирани. Според неодамна направената брза проценка на ризик на ECDC, падот под овие бројки, како што е тоа случај со Грција, значи дека државата и понатаму се соочува со ризик од тоа да се случи нагло зголемување на бројот на нови случаи, хоспитализации и смртност, и тоа во периодот на премин од есен во зима.
Ситуацијата е уште позагрижувачка кај постарите, поризични возрасни групи, каде значителен дел од населението е невакцинирано, а Грција значително заостанува од државите кои се слични на неа. На крајот на септември, покриеноста со една доза кај возрасната група од 80 години и повеќе изнесува 74%, што значи дека секој четврти од највозрасната група останува невакциниран (во споредба со стапката на вакцинација од 100% кај седум од европските држави кои се слични на неа и 86,5% на ниво на цела ЕУ). Кај групата 70-79 години, опфатот со на вакцинација е 83% (во споредба со бројката од 88% на ниво на ЕУ) и кај лицата на возраст 60-69 години опфатот е 80% (во споредба со 85% на ниво на ЕУ). Португалија, со која Грција вообичаено е споредувана поради сличноста во бројноста на население и економската моќ, успеа да вакцинира 100% од своите граѓани над 60-годишна возраст.
Грчката програма за вакцинација „Операција слобода“ држеше чекор со остатокот од ЕУ до почетокот на летото, но дневната стапка на вакцинирани лица нагло се намали во периодот од средината на јуни досега т.е. од над 100.000 дози дневно на сегашната стапка од околу 25.000 дози. Спротивно на тоа, европските земји кои се водечки со опфатот на вакцинацијата, како што се Португалија и Ирска, го забрзаа процесот на вакцинација во текот на летните месеци.
Додека претставниците на Владата внимателно избегнуваат да го користат зборот „неуспех“ и продолжуваат да го бранат воведувањето на вакцинацијата, признат е фактот дека Грција влегува во есенскиот период со покриеност со вакцинација која е значително под безбедните нивоа.
Покрај тоа, анкетите сугерираат дека само мал дел од невакцинираната популација е подготвена да се вакцинира во блиска иднина (на пример, во неодамнешното истражување, само 2 отсто од испитаниците посочиле дека имаат закажано термин за вакцинација).
Празнини, слепи точки и погрешни пресметки
Има неколку фактори кои би можеле да ги посочиме како причина за забавеното реализирање на програмата за вакцинација, но јасно е дека властите го потценија степенот на двоумење кај населението за вакцинирање, и како резултат на тоа не ја обмислија соодветно својата кампања. Една научна студија објавена при почетокот на воведувањето на вакцината во Грција, покажа дека речиси половина од возрасното население имало двоумења околу вакцината со Ковид-19, а особено помладите лица, кои се потпираат на информации на социјалните мрежи и на неофицијални извори, како и луѓето кои ја поддржуваат теоријата дека вирусот е создаден од човекот.
Меѓутоа, стратегијата за воведување на вакцинацијата, иако беше скоро беспрекорна од логистички аспект, не содржеше силен елемент за убедување, а кампањата за информирање на јавноста беше насочена претежно кон традиционалните медиуми, кои им се омилени на групите кои веќе беа убедени. Покрај тоа, процесот на резервирање термини за вакцинирање беше скоро целосно дигитален, активност која беше оправдана како дел од „дигиталната трансформација“ на Грција, но која го игнорираше ниското ниво на дигитална писменост кај општата популација.
Анкетите кои беа направени неодамна ги потврдија слабите точки на кампањата и покажаа дека властите не успеале во доволна мера да го прилагодат својот пристап во наредните месеци. Една анкета објавена во месец август од страна на Kapa Research направи споредба на ставовите кај вакцинираните и невакцинираните граѓани, при што констатираше два целосно поделени светови: оние кои не беа вакцинирани е многу поверојатно дека се информираат од социјалните мрежи и покажуваат значително помал степен на доверба кај јавните институции, освен социјалните мрежи и црквата.
Во повторување на првата генерација на мерки насочени против Ковид-19 во 2020 година, властите „им проповедаа на оние кои се веќе преобратени“, додека многу малку напор беше посветен на идентификување и убедување на оние кои имаат сомнеж.
Извор: Bestravelvideo / Shutterstock.com
Фрустрацијата на Владата поради ниските стапки на вакцинација, која стана очигледна во текот на летото, го најде своето решение во воведувањето на задолжителна вакцина за здравствените работници и на Ковид-19 пропусниците за повеќето активности кои се случуваат во затворен простор. Иако ова можеби би решило голем број на локални проблеми (на пример, спречување на појави во болниците), се чини дека таа сепак предизвика поширока општествена огорченост. Во тоа време беше истакнато дека Владата одлучила да ги игнорира препораките на својата комисија за медицинска етика, која ја советуваше да ги исцрпи сите можности за консултации и едукација пред вакцинацијата да стане задолжителна во болниците.
Освен здравствената професија, реакцијата на притисокот да се биде вакциниран е посочена како една од трите главни причини за избегнување на вакцинацијата, заедно со загриженоста за тоа колку вакцините се ефикасни и безбедни (извор: Kapa Research). Иако протестите против полицискиот час и против вакцинирањето беа ретки и мошне непосетени настани во Грција сè до овој момент, задолжителното вакцинирање ги извади на површина првите организирани протести, кои очигледно се промовирани од квази-верски и ултранационалистички маргинални групи кои повикуваа на граѓанска непослушност.
Исто така, недостасува и јасен политички консензус, додека пандемијата напредува а опозицијата почувствува слабост кај Владата. Додека само крајно десничарската партија Грчко Решение, една од најмалите во Парламентот, зазеде отворено скептичен став кон вакцината, главната опозициска партија, левичарската СИРИЗА, дозволи нејзиниот поранешен заменик министер за здравство да учествува на протестите против вакцинирање, и тоа траеше со месеци, пред да биде контролирано од раководството на партијата. Слично на ова, моќната и влијателна грчка црква ги толерираше мешаните пораки од своите редови на темите пандемија и вакцинација.
Регионалните разлики во стапките на вакцинација, кои станаа болно очигледни преку локализираните епидемии кои се случија на островот Крит во текот на летото и во северна Грција денес, потенцираат уште една слабост од воведувањето на вакцинирањето – дека таа во најголем дел била многу централизирана и водена од Атина. Додека попроактивните локални активности кои подразбираат разни тактики за убедување и ангажирање на локални личности на кои им се верува покажаа одреден степен на успех, она што генерално недостасува е имагинација и прекумерна зависност од огромните бирократски структури кои традиционално ја карактеризираат грчката држава.
Поттикнување на туризмот
Еден од неочекуваните случувања во изминатата година беше изненадувачкиот успех на туристичката сезона. И покрај неколкуте епидемии со Ковид кои се случија во популарните туристички одморалишта, вклучително и една прилично сериозна епидемија на островот Крит, кој се закануваше со тоа да го „симне на колена“ регионалниот здравствен систем, државата одлучи да се коцка во однос на отворањето на границите и да ги укине ограничувањата за меѓурегионални патувања, и се чини дека повеќето од слободните активности излегоа подобро отколку што се очекуваше, во споредба со обидите во 2020 година кои се покажаа како значително поограничени – барем во економска смисла.
На почетокот на летната сезона, Владата и туристичката дејност си поставија цел да остварат половина од вкупните приходи кои беа остварени пред пандемијата – цел која во тоа време изгледаше многу амбициозно. Поновите бројки објавени од Народната банка на Грција упатуваат на тоа дека зацртаната цел од 8-9 милијарди евра ќе биде постигната многу пред крајот на годинава, а истовремено резервациите за авионски билети и за сместување сугерираат дека посетителите ќе продолжат да доаѓаат и во текот на есента, по завршувањето на традиционалната туристичка сезона. Ваквиот позитивен развој на настаните ѝ овозможи на Владата да ги подобри прогнозите за економски раст за 2021 година – од 3,6% на 6,1% од БДП.
Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот – и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите, како и позитивното влијание врз националната економија – пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото) а бројот на смртни случаи се искачи над 40 и овој тренд продолжува и во текот на септември. Експертите ова го опишаа како „огромен автобус полн со патници кој секој ден излетува од патот и паѓа во бездна “.
Меѓутоа, толку од еуфоријата. Комбинацијата од намалување на програмите за поддршка во услови на пандемија, зголемената инфлација и стравот од повторно зголемување на бројот на новозразени во зимскиот период водат кон незадоволство и песимизам.
Во очекување на зима од незадоволство
Анкетите сега постојано кажуваат дека повеќе од половина од жителите на Грција не се задоволни од начинот на кој државата се справува со пандемијата – на пример, последната анкета спроведена од Metron Analysis за потребите на Mega TV покажува незадоволство во овој дел кај рекордни 53%. И додека конзервативната Нова Демократија останува неприкосновена и се вели дека размислува за предвремени избори за да освои уште еден мандат, општата проценка за нејзината работа бележи тренд на намалување (51% од испитаните сметаат дека земјата оди во погрешна насока, во споредба со 38% кои имаат позитивно мислење). Неодамна објавениот пакет од 3.5 милиони евра кој подразбира даночни намалувања и мерки за поддршка наиде на рамнодушен прием кај гласачите.
Владата тврдоглаво одбива да ја прифати одговорноста за евентуални грешки. Ова се однесува на пандемијата и на катастрофалните шумски пожари што ја опустошија земјата во месец август. Меѓутоа, во серијата потези кои беа направени последниве недели, од главната сцена беа отстранети сите лица на кампањата за пандемијата.
Тука спаѓаат министерот за здравство Василис Кикилијас, заменик министерот за цивилна заштита Никос Хардалијас, кој беше одговорен за спроведување на полицискиот час за време на пандемијата, и до неодамна раководител на Националната организација за јавно здравје ЕОДИ, инаку орган задолжен за епидемиолошки надзор и тестирање. Исто така, се шпекулира дека ќе се прават промени и во составот на владиниот советодавен комитет за пандемијата.
Додека официјалниот наратив претпоставува дека овие промени го сигнализираат почетокот на периодот по завршување на пандемијата т.е. „враќањето во нормала“, епидемиолошките факти сугерираат дека таквото толкување е прерано, а и јавноста исто така изгледа дека не е убедена. Додека владиниот портпарол неодамна го повтори тврдењето дека нема да има повеќе полициски час, онака како што беше претходно, се чини дека четири од десет жители на Грција мислат дека е веројатно дека ќе има нов полициски час на ниво на целата држава.
Ако историјата е некаква учителка, нивните сомнежи можеби и не се толку погрешни.