„Четирите најголеми политички партии вчера се договорија за начинот на кој тие сметаат дека ќе бидат создадени услови за вистински фер, слободни и демократски избори. Граѓанското општество не беше вклучено во овие преговори ниту како набљудувач, ниту како консултант. Ова повторно го наметнува сомнежот дека партиите од власта ќе ги искористат сите средства кои им се на располагање за да спречат спроведување на договореното. Ваквите ризици одново предизивикуваат губење на довербата во целиот процес“, се вели во соопштението од „Шарена револуција“ објавено на „Фејсбук“.
Организаторите на „Шарена револуција“ во својата објава на фејсбук-страницата додаваат и дека нема да се откажат од сржта на барањата за кои со месеци протестирале по улиците – правда за граѓаните, казна за криминалците, демократизацијата на општеството, ослободување на институциите и надминување на кризата.
„Ова мора да биде процес во кој ќе бидат вклучени сите општествени чинители. Борбата продолжува! Мораме будно да го следиме спроведувањето на договореното и да бидеме свесни дека демократијата и владеењето на правото во Македонија нема да се случат кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Оваа држава има системски проблеми кои се негувани и развивани со децении и нивното надминување не е и не смее да биде брз, површен и неиклузивен процес“, е наведено во реакцијата.
Во Владата и низ институциите, како што се додава во објавата, сè уште има криминалци и луѓе под истрага за тешки кривични дела и за изборни манипулации.
„Тој проблем нема сам по себе да се реши со изборите. За да има правда, СЈО треба да може непречено да си ја врши својата работа. Со вчерашниот договор, иако уставноста на СЈО е сè уште под ризик од Уставниот суд, сепак неговата заштита се гарантира со обврската Собранието во рок од пет дена повторно да го воспостави во целосен капацитет. Но, СЈО сè уште се соочува со пречки во своето работење од речиси сите институции и тела со кои треба да соработува. Поради тоа, специјалното одделение во Кривичниот суд, кое ќе постапува по предметите на СЈО, мора да биде формирано без никакво одложување“, е наведено во соопштението.
Понатаму од „Шарена револуција“ велат дека на 31 август, истите четири партии треба да се согласат дали се исполнети условите за одржување на изборите.
„Граѓаните и граѓанското општество мора да продолжат да инсистираат на вклученост, зашто целосен излез од кризата нема да биде можен ако се заобиколат граѓаните кои во сè поголем број се организираат во иницијативи, здруженија, организации, движења и неформални групи. Сите партии мора да разберат дека политиката е пред сè за и на граѓаните, а потоа на партиите. Од нас зависи. Мора да продолжиме да вршиме притисок врз злосторничкото здружение, врз власта, врз институциите и врз домашната и меѓународната јавност. Конечно, сите да се заложиме и да не да дозволиме корумпираниот и автократски режим, олицетворен во Груевски и во Ахмети, да продолжи да го блокира секој обид за ненасилно надминување на кризата. Ќе бидеме будни, на штрек, ќе се вмрежуваме и уште поцврсто ќе застанеме зад потребата од итно демократизирање на Македонија!“, се заклучува во соопштението.