“ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА” СО ПОРАКА: СЈО Е ПАТОТ ДО ПРАВДАТА

Сподели

14448935_1066958346755967_3458255362338870855_n

фотографија Civil MK

Денеска граѓаните и поддржувачите на „Шарената револуција“ се собраа пред Собранието за поддршка на Специјалното јавно обвинителство. На собирот се пуштаа песни за Македонија, за поддршка на СЈО и против владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Припадниците на „Шарената револуција“ на улицата пред Собранието нацртаа голем круг, во него нацртаа стрелка која покажуваше кон СЈО, а до која пишуваше „Еден е патот до правдата“. Од страните беа напишани Уставен суд, Кривичен суд и Основно јавно обвинителство, а надвор од кругот пишуваше „Вашето време истече, its SJO o’clock“.

Адвокатот Звонко Давидовиќ рече дека денешниот протест е со цел да ги потсети пратениците кои ја изгласаа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека треба да го почитуваат СЈО и да ги донесат измените кои таа ги бара.

– Дојдовме тука да му кажеме на Кривичниот суд да нема двојни аршини и селективна правда и да се фати за работа. Исто така сакаме да му кажеме на СЈО да си ја врши својата работа и дека ја има нашата поддршка, но само додека си ја врши својата работа. СЈО е должно да ги извади пред лицето на правдата сите оние кои правеле криминал – рече Давидовиќ.

Активистот на „Шарена револуција“, Александар Младенов рече дека СЈО е единствената некорумпирана институција, а граѓаните не смеат да дозволат таа да биде укината.

– Не делат по секаква основа. Едни даноци за нив, други за нас. Една правда за нив друга за нас. Сведоци сме и на егзодусот на младите. Да не дозволиме да не поделат и да не дозволиме да го укинат СЈО затоа што е единствената некорумпирана институција – вели Младенов.

На крајот на протестот активистите запалија факели и се наредија во нацртаниот круг.