Исполнети се двата предуслови со што создадени се услови за неопходна лидерска средба со цел спроведување на брзи, фер, слободни и демократски избори, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
– Исполнети се двата предуслова, а тоа е одложување на изборите поради неисполнети услови и укинување на аболицијата. Оттука се создадени услови за лидерска средба. Неопходно е да има лидерска средба или политички дијалог со цел, што е можно по итно, да се договорат и исполнат условите за да може Република Македонија, да спроведе брзи, фер, слободни и демократски избори – додаде Шилегов.
Шилегов во изјавата за медиуми рече дека приоритет за Уставниот суд треба да биде уставноста на Законот за СЈО затоа што само така ќе се обезбеди непречена работа на единствената независна институција којашто вистински се бори против криминалот и корупцијата.
– Граѓаните знаат, Уставниот суд за само 5 дена поведе постапка и за само 7 дена да донесе Одлука за иницијативата на ДУИ. Повеќе од 8 месеци Уставен суд не прави ништо околу иницијативата за Законот за СЈО и го држи во заложништво судството и владеењето на правото. Тоа е недозволиво. Никој не е над правото и правната држава. Граѓаните мора да бидат сигурни дека пред законите се сите еднакви, исти се и граѓаните и политичарите. Само на тој начин Договорот од Пржино може да преживее – рече Шилегов.