-“Последните дождови покажаа дека „Скопје 2014“, мегаломанскиот проект на Никола Груевски, освен што е пералница за пари, станува реална опасност по безбедноста на граѓаните на Скопје”, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Тој додаде дека два дена екипите на комуналните претпријатија дежураат во „прескапо платените градби во центарот на Скопје и од нив вадат фекалии кои директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“.
-“Она што постојано беше предвидувано од експертите, за жал, почна да се потврдува. Додека архитектите и урбанистите предупредуваа на опасностите, Груевски и неговите послушници заслепени од дебелите провизии продолжуваа да го урнисуваат центарот на Скопје. И покрај сите ревизии и покрај сите докази за лошо спроведните планови за градба, досега никој не поднесе одговорност. Што уште треба да се случи за некој да понесе одговорност за загрозување на безбедноста на скопјани? До кога граѓаните на Скопје ќе стравуваат од најобичен дожд? Постои ли план за заштита на градбите покрај Вардар? Јавноста мора да знае дали некои од објектите од мегаломанскиот проект, претставуваат закана за општата безбедност“, изјави Шилегов.
Тој ги повика сите институции да дозволат непречен пристап на новинарските екипи во подрумите и во темелите на објектите за да видат како изгледаат тие.
„И наместо да ѝ објаснат на јавноста што сè се прави за заштита на градбите, власта преку нејзините послушници напаѓа и брка новинари кои известуваат за штетите од криминалниот проект. Но, колку и да се трудат, не можат да ги сокријат катастрофалните последици од криминалниот проект. „Скопје 2014“ почнува да тоне, а на површина ќе останат само фекалиите, лагите и измамите на Груевски“, додаде Шилегов.
Изминативе три дена сообраќајниците и мостот кај зградата на Министерството за надворешни работи и новата зграда на Факулетот за драмски уметности се блокирани, бидејќи екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ја испумпуваат водата и фекалиите од ископ за објект до зградата на ФДУ. Ископот, како што пренесуваат медиумите, почнал да се полни со вода од обилните дождови, а фекалиите се од скинатата главна цевка од канализационата мрежа. Дел од водата и фекалиите се исфрлаат на кејот на Вардар.