Шпанија: Владата има намера да го укине имунитетот на пратениците

Сподели

 Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека ќе се обиде да го укине судскиот имунитет на пратениците и другите јавно избрани претставници, со цел да ја врати довербата на народот во политиката, пренесува Anadolu Agency (AA).

Санчез го објави ова денес на настанот, со кој се одбележани првите 100 дена од неговата социјалистичка Влада, што беше именувана откако во Парламентот го собори конзервативниот претходник. Тогаш Санчез вети дека ќе ја искорени корупцијата и ќе ја модернизира Шпанија, но реализацијата на неговите планови ја кочи жестоката опозиција.

За предлогот со кој би се овозможило полесно судско процесуирање на политичарите, потребна е поддршка во Парламентот, во кој социјалистите имаат само 84 од вкупно 350 места во Долниот дом.

„Се надеваме дека ќе ја имаме поддршката на членовите. Ќе понудиме слика за пример, солидарност и емпатија“, рече Санчез.

Тој ја повика опозицијата да помогне во спроведувањето на опсежните реформи кои се потребни во наредната деценија.