Штрајкот за товарниот железнички сообраќај во Грција продолжен до недела

Сподели

Zeleznicka-pruga1

Вработените во грчките железници одлучија дополнително да го продолжат штрајкот и прекинот на работата на железницата. Според новата одлуката на Федерацијата на вработени во грчката железница ОСЕ, штрајкот кој требаше да заврши денеска на полноќ е продолжен до 14 јули за патничкиот и до 17 јули за товарниот сообраќај.

Грција со ова останува без патнички возови до петок наутро и без товарни возови до недела на полноќ. Штрајкот на вработените почна на 4 јули и со продолжувањето на прекинот на работата, Грција ќе биде без возови точно две недели.

Федерацијата има закажано состанок в петок, на кој ќе бидат договорени идните чекори за штрајкот. Вработените се противат на одлуката да се приватизира железницата и бараат таа да остане во државни раце. Со штрајкот се бара и потпишување колективни договори, вработување на дел од хонорарците со подобри работни услови, гарантирање на работните места на вработените.

За потсетување, за купување на 100 отсто од акциите на железницата на тендер се пријави само една компанија, Италијанските железници, чија понуда ќе биде разгледана од Фондот за приватизација.

meta.mk