Шумарски факултет и Град Скопје заедно за зачувување и зголемување на зеленилото

Сподели

 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. др. Кирил Сотировски Скопје, потпишаа Меморандум за соработка за овозможување унапредување и развој во областа на шумарството, заштитата и унапредувањето на животната средина, вклучувајќи ги аспектите кои се однесуваат на урбано зеленило, теренската и научноистражувачката работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области.

– Системски пристапуваме кон заштитата на постојното зеленило во градот, кон планирањето и подигањето нови зелени површини, засадувањето нови дрвја и заштита на животната средина. Како резултат на оваа нашата соработка се формираат работни групи во кои учествуваат стручни лица од секторите за комунални работи и заштита на животната средина од Град Скопје, од ЈП Паркови и зеленило и Шумарскиот факултет кои ќе работат на проценка на дрвјата во градот. Со овој пристап нема да дозволиме да се отстрани ниту едно здраво дрво, а дополнително со соодветна поддршка во форма на трансфер на знаења од факултетот, ќе се обозможи новите дрвја да бидат квалитетно и успешно засадени. истакна градоначалничката Арсовска, на потпишувањето на овој значаен документ.

Според меморандумот, Градот Скопје и Факултетот ќе соработуваат при спроведување на проекти во областа на зеленилото и заштита и унапредување на животната средина, вклучувајќи ги следните аспекти:

-урбано зеленило (урбана дендрофлора, проектирање и подигање на зелени површини,

-заштита и одгледување на урбано зеленило и цветни култури,

-проценка на здравствена состојба на растенија, фитопатолошка и ентомолошка заштита, педолошки анализи,

-производство на декоративни садници, парковски инфрастуктурни објекти и елементи),

-вонградско зеленило (планирање, пошумување и одгледување, здравствени аспекти на зеленилото, заштита на шумите и зеленилото, екологија и одржлив развој, заштита на земјиштето од ерозија, уредување на поројни водотеци и рекултивација на копови, депонии и јаловишта со акцент на биолошките аспекти, управување со опасности и ризици од некои природни непогоди, периурбана дендрофлора),

-машини и механизација,

-датабази за зеленилото,

-социоекономски аспекти на зеленилото,

-стратегиска оцена и оцена на влијание врз животната средина,

-теренска и научноистражувачка работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области, информираат од Град Скопје.