Шведска: Буџетот за бегалци во 2017 година изнесува 361 милион евра

Сподели

Министерката за култура и демократија на Шведска, Алис Кунке, изјави дека дел од парите ќе бидат издвоени за културни активности на бегалците

thumbs_b_c_92a8d450266a7e805c8c3a8b8f98fa75

СТОКХОЛМ (АА) – Шведска издвои околу 3,5 милијарди круни (околу 361 милион евра) за буџетот на бегалците во 2017 година, соопшти Алис Кунке, министерката за култура и демократија на Шведска, јавува Anadolu Agency (AA).

„Дел од парите ќе бидат искористени за културни активности на бегалците“, изјави Кунке. Таа додаде дека ќе бидат преземени одредени чекори за организирање на културните активности и дека официјалните лица од Министерството за култура, општината и од округот ќе ги посетуваат бегалските центри и ќе разговараат со мигрантите.

Кунке истакна дека во Шведска доаѓаат бегалци од многу делови на светот и дека ќе продолжат да им помагаат и во 2017 година.

Таа зборуваше и за натпреварот меѓу женските фудбалски репрезентации на Шведска и на Иран, одигран минатата недела.

„Женската фудбалска репрезентација на Иран за првпат одигра натпревар во Европа и со тоа влезе во историјата. Го сметам тоа за важно“, истакна Кунке.

Швеѓанките победија со резултат 7 : 0, но министерката смета дека резултатот не е важен.

„Овој натрпевар беше голем чекор во името на демократијата, женските права и еднаквоста. Фудбалот не е само фудбал, тој е пријателство, љубов, почитување…“ потсети таа.

Кунке зборуваше и за Нобеловата награда за книжевност, којашто му беше доделена на американскиот музичар Боб Дилан.

„Уметниците се слободни и имаат сопствен свет. Тоа што не даде коментар откако ја доби наградата, потекнува од неговата слобода и отворените видици“, смета Кунке .