Најмалку 54 лица ги загубиле животите, а стотици се повредени во силен земјотрес што утрово го погодил индонезискиот остров Суматра, соопштија тамошните власти, јавуваат светските медиуми.
Земјотресот со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата сакала ја погодил провинцијата Ацех, рано утрово, додека верниците се подготвувале за утринската молитва.
Во градот Меуреуда, џамиите и продавниците од силниот потрес биле срамнети со земја, пренесуваат агенциите.
Опасност од цунами засега не е објавена, а како што е наведено, по земјотресот биле регистрирани уште најмалку 5 дополнителни потреси.
Во тек е спасувачка акција за извлекување на луѓето за кои се верува дека се наоѓаат под урнатините.
Земјотресот е регистриран во област на 130 километри југоисточно од градот Банда Ацех, во северниот дел на островот Суматра.
Во силниот земјотрес и цунамито што следуваше по него во 2004 година, загинаа 170.000 лица само во Индонезија.