Симон Трпчески настапи во лондонски „Вигмор хол“

Сподели

Македонскиот пијанист Симон Трпчески кој оваа сезона беше резидентен артист на лондонски „Вигмор хол“, синоќа во британската престолнина имаше самостоен рецитал, со изведбата на дела од Григ, Менделсон и Римски-Корсаков.

– “Го направив изборот од разновидна несекојдневна програма онака како што и јас сакав и драго ми е што и публиката, не само овде во Лондон, туку и претходно во Пекинг и Шангај и во Чешка и деновиве во Бирмингем и Саутемптон исклучително уживаше со мене. Се надевам дека така ќе биде и на моите следни два рецитала во оваа сезона, закажани за Сиднеј и Аделаида во почетокот од јули”, – изјави Трпчески за Македонското радио.

Маестро Трпчески продолжува да концертира како солист на Борнмут Симфони под диригентската палка на Кирил Карабиц од Украина во Пул, Велика Британија и во националната концертна сала во Даблин, Ирска. Крајот на месецов е резервиран за полската турнеја со „Македонисимо“ на концерти во Варшава, Шчечин, Гдањск и Катовице и првпат ќе има настапи на Кипар, како и во Никозија.