Сите ќе завршиме во еднина
Со рацете прекрстени како кога нејќеме некој соговорник
Некаде таму во длабочината,
каде нема ни цвеќиња, ни свеќи
Има само голо ништо, дупка што зјае и голта и собира рандом честици
никогаш не сум мислела дека можам да сум тажна „до овде“
Како кога дете покажува до каде му е водата кога учи да плива
пишувам за другите, а копнеам за себе
гледајќи го прозорецот ширум отворен
а во мене поле детелини со четири лисја
Јас сум крава – ги јадам и преживувам, место да ги живеам!
Ќе завршиме во еднина
како презир и љубов во чеизот на ќерката – дадена
во патријахатот собран во малото нокте на свекорот
како сонот и јавето на испосникот во мртва пустина
вода што се меша со песок за да се роди Алеф
ќе завршиме и одново ќе почнеме
затоа што секој свет има два краја
бескрајот е за пишување
крајот е за читање.