СИТНИ ПОЛИТИКАНТСКИ ТРИКОВИ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

Како наближувааат изборите, така зачестија и медиумските паради на одделни лидери од споредните десни политички партии, кои што поради наметнатите изборни математики упорно настојуваат да се прикажат како можен решавачки фактор во пресметката со актуелниот режим. Притоа, во комарџиски стил вешто манипулираа пред јавноста со своите божемски дилеми околу нивното дефинитивно изборно позиционирање, односно, дали да го поддржат натамошниот опстој на груевистичкото владеење, чии приврзаниции беа долго време или пак да му се приклучат на некој од опозициските блокови, во надеж дека при евентуална нивна победа би си обезбедиле какво-такво партиско преживување и пред се` одредена лична сатисфакција за доживеаните политички порази во минатото.

И додека ги слушавме тие срцепарателни исповеди и објаснувања за причините на нивните двоумеења, на човека му доаѓаше да врисне од бес: па, зарем на тоа се сведе целата таа повеќегодишна борба на македонската демократска јавност за промени, реформи и слободи во државата, сега излезот од постојната криза да се чека на одлуките на неколкумина политички аутсајдери, чие партиско членство едвај може да ги наполни трибините на еден фудбалски стадион? Каде тоа се стопи или намерно се затскри таа огромна демократска енергија, што со месеци зрачеше од непрегледните маршеви на граѓанското незадоволство и на Шарената револуција, и што во меѓувреме се случи тие да се претворат во немоќни посматрачи на политичката сцена, на која што како лигави гуштери испливаа превеани манипуланти, со вообразба дека тие го држат клучот на изборниот епилог и дека од нивното престројување, безмалку ќе зависи натамошната судбина на земјата?

А, врз какви тоа политички и морални принципи почива нивната политика, јавно и отворено ни соопшти поранешниот осуденик Ламбе Арнаудов, еден од гласноговорниците на вмровската народна партија: од власта добиле понуда што тешко можело да се одбие, а тоа биле неколку министерски и директорски фотелји, десетици врaботувања на нивни членови во државната администрација и разни бинзнис привилегии кои што на раководството ќе му обезбедат угоден и спокоен живот.

Но, ни збор за проблемите на граѓаните, за сиромаштијата и економскта криза, за корупцијата и грабежите во врвовите на власта, за полициските прогони газењето на човековите слободи. Веројатно, иако партијата си се нарекува “народна”, тие прашања не го заслужувааат нивното внимание.

Истовремено, партискиот шеф Љубчо Георгиевски, своевремено политички декласиран и понижен од својот наследник Груевски, за кого до вчера тврдеше дека бил до гуша потонат во криминали и бил главен виновник за назадувањето во евро-атлантските интеграции, изнаоѓаше безброј причини и оправдувања за неговото можно  изборно пактирање со власта, или пак, во краен случај, за некоја идна коалиција по изборите. Инаку, како што вели, неговата визија за Македонија била и останува развојот на демократијата, правната држава, слободата на медиумите и над се` европската иднина на државата. Цели, за кои што нели, се залага и самиот Груевски.

Меѓутоа, сеќавањата за периодот на неговото партиско лидерство и премиерство оставаат малку простор за да се поверува во неговата сегашна наводна демократска преобразба, со која што се обидува да го поврати загубениот престиж меѓу некогашните свои тн. “изворни ДПМНЕ-овски следбеници” сурово клоцнати од младите јункери на Груевски, веднаш по неговото присвојување на партијата.

Јавноста се уште ја памети сцената кога од парламентарната говорница пратеникот Петар Гошев, вперувајќи прв кон него го наречен ”најголем профитер и лопов во државата” , а подоцна Георгиевски без око да му трепне на новинарите им објаснуваше дека нели, било сосема нормално политичарите додека се на власт да се богатат и да ги уживаат привилегиите што таа им ги пружа. Во тој контекст, неговиот некогашен партиски патрон Ѓорѓи Наумов, повеќегодишен министер за правда, во своите мемоарски записи ќе наведе: “Љубчо Георгиевски од себе направи култ на личност, автократ и деспот, проповедаше лажен патриотизам, а за себе и семејството создаваше невидено богатсво”.

Какви беа тогаш неговите ставови кон слободата на медиумите и воопшто кон демократијата, најдобро зборуваат перманентните притисоци, закани и финансиски упади во повеќе медиумски куќи, рекетирањето на познати фирми и бизнисмени, масовните прислушувања на политичките противници и новинарите. Така, револтиран од еден негов говор во парламентот, исполнет со испади и навреди кон новинарството, уредникот Ерол Ризаов од галеријата гласно ќе довикне: –”Тоа што го зборувате е фашизам и тоталитаризам, господине Георгиевски!”

Што се однесува за неговата посветеност на европските интеграции, доволно е да се припомнат неговите остри напади против претставниците на меѓународната заедница, обвинети дека работат против македонските интереси, поради што подоцна дојде до отворен судир со прозападните ориентации на претседателот Борис Трајковски, кому му се закани со исклучување од неговата партија. Во оваа прилика одлишно е да се спомнува неговата улога во проектот за меѓуетничка поделба на Македонија и за преселби на населението, како и во воениот конфликт од 2001 година, кога бараше да биде прогласена воена состојба во државата, или пак, кога го прогласи Охридскиот мировен договор за срамен и ништожен, иако тој беше еден од неговите потписници.

За неговиот партиски побратим Љубе Бошковски од ОМ, одвишно е да се трошат зборови. Достатно е да ја споменеме неговата стегната тупаница од еден митинг кога му се закануваше на Груевски: – “Николче, диктаторче, ближи денот кога народот ќе ти суди за сите недела што му ги нанесе!” Или на прозивките за Сашо Мијалков и неговата мафијашка дружба, поради што по налог на Мијалков му беше ставен пиштол во уста и како врзано теле беше одвлечкан во затворот во “Шутка”. Сепак, најинтересно се чини е финалето на оваа Љубчо Љубевска предизборна драмолетка: По долги премислувања и ценкања со “коалицијата за промени и правда” тие решиле да формираат покрај двата постојни и трет опозициски блок, со кои што ќе тргнеле во рушење на груевистичкиот режим, со што ќе ја презеле партијата ВМРО во свои раце. Но, дали во тоа уривање е планирано и поткопувањето на темелите, врз кои се поставени другите два опозициски столба, засега не се откриваат, иако со доста сигурност може да се претпостави.

Во секој случај, среќна околност за опозициските водачи Павле Трајанов и Јове Кекеновски, е што во последен момент сфатија на каква гнила штица можеа да згазнат, доколку војводата им се приклучеше на нивното опозициско јато, за да заеднички се борат против власта за која што Георгиевски се уште смета дека не била толку лоша како што се зборува, односно дека би била прифатлива за соработка во една идна постизборна коалиција. Со други зборови: Ние сме против Груевски, ама ќе немаме ништо против да ја прифатиме неговата подадена рака, доколку му затреба нашата верна и не баша евтина ВМРО-овска помош!

Ситни потикантски трикови!