Одбраната на градоначалникот Владимир Талески, адвокатите Никола Додевски и Боро Тасевски, како и обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Трајче Пеливанов, попладнево пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд ги изложија аргументите „против“ и „за“ куќниот притвор што му е одреден на битолскиот градоначалник.
Адвокатот Додевски пред Кривичниот совет истакна дека барањето за притвор на СЈО не било засновано на докази од кои произлегува разумно сомневање за сторено кривично дело. Тој рече дека биле повредени одредбите од кривичната постапка од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и правата на одбраната и на осомничениот во постапката.
Додевски посочи дека СЈО не ги доставило доказите врз основа на кои бара притвор до одбраната и до судот.
– Должност на обвинителството е да достави докази за разумно сомневање за сторено кривично дело, кои ќе бидат достапни и за судот, но и за одбраната, а овде такви докази не беа дадени. Шесте кутии со докази беа донесени во судот по завршувањето на распитот, откако одбраната и осомничениот го напуштија судот. Тоа е повреда на постапката, кокетирање со правото и правење театар – рече Додевски.
Тој рече дека СЈО добило готов предмет за кој истрагата почнала пред една година во Основното јавно обвинителство Битола. Адвокатите на одбраната ги отфрлија како неосновани сите наводи врз основа на кои му е одреден притвор на Талески, а Додевски посочи дека СЈО не води нормална кривична постапка, туку спроведува политички реваншизам „затоа што Талески треба да се тргне од функцијата“.
Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, истакна дека Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 правилно одлучил кога му определил куќен притвор на битолскиот градоначалник и тоа по сите основи. Тој посочи дека жалбата на одбраната е неоснована и има потреба од притвор бидејќи истражната постапка на СЈО сè уште е во тек и сè уште не се испрашани неколку лица, меѓу кои и градоначалникот Талески.
Пеливанов рече дека додека ОЈО Битола го водело случајот, биле испрашани само две лица и било побарано вештачење од Бирото за судски вештачења, кое СЈО го добило во март годинава. Обвинителот потврди дека шесте кутии со докази биле доставени до судот по завршувањето на распитот, но тоа било направено на барање на судијата на претходна постапка. Претходно, додаде Пеливанов, ниту судот, ниту одбраната не ги побарале овие докази. Тој праша зошто адвокатите и Талески го напуштиле судот без да ја дочекаат одлуката на судијата на претходна постапка, имајќи предвид дека се одлучувало по барање за одредување мерка притвор.
– Одбраната и осомничениот ги напуштија просториите на судот без да ја дочекаат одлуката на судијата на претходна постапка. На осомничените и на одбраната како да им беше позната одлуката, па ги напуштија одлуките на судот. Се прашувам како тоа за одбраната е донесеа поповолна одлука кога, наводно, на тој судија не му биле доставени доказите, а Кривичниот совет по увидот во тие докази донел одлука за куќен притвор – рече Пеливанов.
Обвинителот на СЈО рече дека на одбраната и на Талески ќе им бидат доставени доказите, како што тоа е напишано во законот.
Одбраната на Талески од Кривичниот совет на Апелацискиот суд побара да ја уважи нивната жалба и да го укине куќниот притвор, додека СЈО побара Талески да остане во куќен притвор и жалбата на одбраната да биде отфрлена како неоснована.
Во законот не е предвиден рок во кој Апелацискиот суд треба да донесе одлука, но бидејќи станува збор за притворски предмет, се очекува одлука да се донесе за кратко време.