СЈО побара да се конфискува имот на Груевски, Протоѓер и Димовски

Сподели

Денеска почна главната расправа за вториот по важност предмет на Специјалното јавно обвинителство, наречен „Титаник“.

СЈО го прочита обвинението против вкупно 21 лице за злосторничко здружување при што меѓудругото го повредиле избирачкото право и злоупотребиле средства за финансирање на изборна кампања и побара  конфискација на имотот на четири обвинети во вкупна висина од 2 милиони и 100 илјади евра.

Обвинителката Лиле Стефанова, во воведниот говор покрај осудителна пресуда, побара за надоместување на незаконски обезбедените средства за финансирање на изборната кампања во 2011 година конфискација на имот на Никола Груевски и Мартин Протoѓер во вредност од 34.908.777 денари (567.620 евра) што одговара на вредноста на парите прибрани за изборната кампања во таа година.

За изборите во 2013 година, Стефанова побара конфискација на имот во вредност од 41.435.100 денари (673.740 евра) од Никола Груевски, Илија Димовски и Леко Ристовски. Имот во вредност од 62.732.874 денари (1,02 милиони евра) треба да се конфискува од истите тројца поради незаконски прибраните средства за изборната кампања во 2014 година

 

„Денешната одлука на судот, според која, специјалната јавна обвинителка е надвор од правниот систем, па нема можност истата да се изземе претставува уште една причина повеќе законот за специјалното јавно обвинителство да се прогласи за противуставен“, изјави Димитар Дангов- адвокат на повеќе обвинети во „Титаник“

Сите обвинети се изјаснија дека се невини. Екс премиерот Никола Груевски кажа и дека нема за што да се чувствува виновен, бидејќи не сторил кривично дело. Дел од другите обвинети кажаа дека процесот е политички. По судењето изјави дадоа само адвокатите на обвинетите. Но, тие се фокусираа на одлуката на судот кој им го одби барањето за изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, согласно законот за СЈО.