Специјалното јавно обвинителство денека од Кривичниот суд во Скопје побарало продолжување на куќниот притвор на битолскиот градоначалник, Владимир Талески за нови 30 дена, потврдија за „Мета“ од СЈО.
Ова е второ барање на СЈО за продолжување на притворот на Талески, кој му истекува утре. Мерката куќе притвор битолскиот градоначалник, кој е првоосомничен во случајот „Транспортер“ му беше одредена од судот на 16 јуни, а му беше продолжен на 21 јули, по предлог на СЈО.
Инаку вчера во Апелацискиот суд беше одржана јавна седница по жалбата на одбраната на Талески за продолжувањето на притворот од 21 јули.
По завршувањето на седницата Талески изјави дека нема сторено никакво кривично дело, не се чувствувам виновен и оти смета дека не е коректно врз основа на еден телефонски разговор што го водат „некои двајца луѓе“ да се прават вакви конструкции.
Тој исто така потврди дека потпишува службени документи додека е во куќен притвор.
– Се разбира дека потпишувам и освен мерката куќен притвор, јас немам ниту една друга забрана – изјави Талески.
Минатиот петок истражители на СЈО беа во Општина Битола за да проверат дали има пропусти во спроведувањето на куќниот притвор на Талески и дали тој потпишува документи додека ја издржува мерката.
Специјалното јавно обвинителство ги товари Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, во случајот „Транспортер“.