Специјалното јавно обвинителство извести дека денеска до Основен суд Скопје 1 поднело барања за обезбедување на имот поврзан со предметите „Триста“ и „Талир“. Барањето за вториот случај е преработено, при што биле земени предвид укажувањата на судот при одбивањето на првичното барање за замрзнување имот.
Во врска со предметот „Триста“, кој е за набавката на 300 возила за МВР, до судот е поднесен предлог за привремена мерка забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на осомничениот помошник на министерот за внатрешни работи.
Во врска со предметот „Талир“ поднесено е ново барање до Судот за забрана за отуѓување и оптоварување на дел од недвижен имот кој потекнува од извршено кривично дело, при што во предвид се земени укажувањата на Судот искажани во одлуките со кои беа одбиени првичните барања за обезбедување на имот, соопшти СЈО.