СЈО: Треба да ни се продолжи рокот од 18 месеци оти е нереален за целосни и објективни истраги

Сподели

SJO-Screenshot-Alsat-M-tv

Специјалното јавно обвинителство очекува од релевантните институции, односно од Собранието, да ја воочат потребата од промена на Законот за СЈО и да го продолжат рокот од 18 месеци за завршување на истражните постапки и поднесување обвиненија против осомничените, велат за „Мета“ од СЈО.

Според нив, рокот од 18 месеци не соодветствува со реалните можности за целосно и објективно истражување на сите содржини од незаконското прислушување.

„Ова јавно обвинителство постојано укажува на несообразноста на рокот со реалните можности за целосно и објективно истражување на сите содржини што произлегуваат или се поврзани со незаконски следените комуникации и во таа насока очекуваме релевантните институции да ја воочат потребата од промена на законската регулатива, што е во интерес на сите граѓани на Република Македонија“, се вели во одговорите од СЈО на нашето прашање дали Специјалното јавно обвинителство ќе побара (ќе поднесе иницијатива) до Собранието за продолжување на рокот од 18 месеци за завршување на истражните постапки и поднесување обвиненија.

Во членот 22 од Законот стои дека јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да поднесе обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност.

Јавното обвинителство на почетокот на декември минатата година (кога почна да тече рокот од 18 месеци) на СЈО му предаде 36 предмети што произлегуваат и се поврзани со незаконското прислушување.

На нашето прашање дали по сослушувањето на повеќе лица во овие две недели, наскоро можат да се очекуваат и првите обвиненија за случаите што ги отвори СЈО, оттаму велат прво треба да завршат сите истражни дејства и да бидат сослушани сите осомничени.

„Ова јавно обвинителство сè уште ги спроведува истражните постапки што веќе се отворени и со оглед на тоа дека во рамки на постапките потребно е да се завршат сите истражни дејствија и да бидат сослушани сите осомничени лица, не сме во можност точно да посочиме кога овие истражни постапки ќе завршат“, велат од СЈО за „Мета“.