Скопје домаќин на 48. боксерскиот турнир „Златен Гонг“

Сподели

Под покровителство на Агенцијата за млади и спорт од 8 до 11 ноември Скопје ќе биде домаќин на традиционалниот боксерски турнир „Златен Гонг“, со кој се одбележува празникот на градот 13 Ноември.

Традицијата продолжува и оваа година. Една од најстарите традиционални спортски манифестации во Република Македонија, боксерски турнир „Златен Гонг“ годинава по 48. пат ќе се одржи во Скопје.

Златниот гонг е синоним за секое боксерско име од светската боксерска сцена. На турнирот од далечната 1969 година па сѐ до денес, продефилираа многу светски боксерски имиња, почнувајќи од легендарниот Мате Парлов, па се до првиот освојувач Звонимир Вуин, македонските боксерски легенди Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Примислав Димовски, Вели Мумин, Аце Русевски и многу други боксери од велесилите во овој спорт како што се Куба, Русија, Италија Бугарија, Србија, изјави Дарко Каевски, директорот на АМС.

Покрај трофејот „Златен Гонг“ кој ќе го добие најдобриот боксер, ќе бидат доделени и пехари за најдобар техничар и најдобар македонски боксер. Признанија се предвидени и за најдобриот тренер, судија, и странски боксер.

Пријавени се преку 40 боксери од Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Словенија, Србија и Косово.

Борбите ќе се одржат во малата сала од СЦ „Борис Трајковски“. Полуфиналните мечеви на програмата се на 9 ноември со почеток во 17 часот, финалето е на 10 ноември со почеток во 12 часот.