Скопје се гуши: На сила стапуваат мерките за намалување на аерозагадувањето

Сподели

Воздухот во Скопје и изутринава е загаден над дозволеното. Највисоки концентрации на ПМ10 честички повторно има во Лисиче 313 микрограми на метар кубен, кај Ректорат се измерени 182, во Гази Баба 159, во Центар 110 и во Карпош 96 микрограми.

По добиените информации дека квалитетот на воздухот во Скопје последователно два дена е загаден над дозволеното, односно над 200μg/m3, вчера повторно беа активирани мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот.

Од владината прес-служба информираа дека министерствата за животна средина и просторно планирање и за здравство се должни да ги oслободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, лицата со прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, да се реорганизира работното време, лицата на отворено да работат од 11 до 17 часот, да ја спроведат забраната за одржување на спортски натпревари и други манифестации на отворено, да обезбедат услови за зголемени активности на службата за брза помош, домашната посета и патронажната служба.

Бесплатен градски превоз се до намалување на загадувањето, прекин на сите градежни активности на градилиштата, интезивно миење на градските улици, зајакнати инспекциски надзори, ограничувањето на обуките на автошколите, се само дел од вонредните мерки кои што Градот Скопје ги воведува со цел намалување на загадувањето во главниот град.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција апелираше да не се користат возилата без потреба и граѓаните да се организираат и да користат заеднички превоз, но и за затоплување да не се користат отпадни материјали, туку само суво дрво.