Скопскиот Кривичен суд за оваа недела на распоредот има набиена агенда на рочишта за случаите „Тврдина 2“, „Поткуп“, „Шамари“ и „Транспортер“, кои предизвикуваат голем интерес во јавноста, а од кои три се по обвиненија поднесени од Специјалното јавно обвинителство.
На обвинителната клупа треба да седнат лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, и градоначалникот Битола во заминување, Владимир Талески.
Неделата со набиена судска агенда се совпаѓа со првата седмица од почетокот на кампањата за локалните избори. Поради ова не е исклучена можноста од повторно одложување на рочиштата за овие случаи за кои, и по повеќе од една година, никако да почне главната расправа.
Агендата на судските рочишта изгледа вака:
- 26 септември (вторник) – Треба да продолжи рочиштето за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет за уништувањето на документацијата од опремата за незаконското прислушување е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, кој е во бегство. Како ќе продолжи судењето најверојатно ќе се знае утре. Дел од правните експерти велат дека судот може да одлучи на Грујовски да му се суди во отсуство. Тој побегна откако Апелацискиот суд одлучи да го прифати барањето на СЈО да му биде одреден притвор, а Врховниот суд го потврди ваквото решение. Случајот го суди Лидија Петровска.
- 27 септември (среда) – Треба да продолжи судењето за „Поткуп“, каде Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција го товари премиерот Зоран Заев дека од струмички бизнисмен барал поткуп од околу 200.000 евра за легализација на градежно земјиште. Заев во јуни оваа година, првпат се појави судот како премиер на државата, а на рочиштето тој и неговата одбрана бараа изземање на снимките од посебните истражни мерки за случајот, бидејќи веќе се објавени на „Јутјуб“. Случајот го суди Дијана Груевска-Илиевска.
- 28 септември (четврток) – На обвинителната клупа треба повторно да седнат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 лица обвинети за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година. Инаку, Апелацискиот суд летово ја прифати жалбата на СЈО и донесе одлука прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ на судењето за случајот кој во јавноста е познат како „Шамари“. Случајот го суди Татјана Михајлова.
- 28 септември (четврток) – Треба да почне судењето за случајот „Транспортер“ на СЈО, во кој градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и уште 21 лице се товарат за злоупотреби со тендерите за превозот на ученици во Битола, со кои го оштетиле буџетот на Општината за околу 300.000 евра. Инаку, против Талески и уште петмина други вработени во Општина Битола истрага под името „Транспортер 2“ води и Основното јавно обвинителство Битола, исто така, за злоупотреба на службената положба поврзана со избор на фирма за превоз на ученици за учебната 2015/2016 година. Овој случај ѝ е доделен на судијката Лидија Петровска.