„Сквотери“ ја претворија зградата на Оксфорд во засолниште за бездомници

Сподели

Група на активисти окупираа зграда во сопственост на Универзитетот на Оксфорд и го користат просторот како засолниште за бездомниците во градот.

Четиринаесет лица спијат во засолништето, кое има своја кујна и бањи, од Нова година.

Зградата била празна откако била купена од Колеџот Вадам во 2015, а треба да биде реновирана и претворена во сместување за студентите. „Сквотерите“ испратиле отворено писмо до факултетот, во кое бараат нивна дозвола да продолжат да го користат просторот до крајот на зимата.

„Состојбата на луѓето кои спијат на отворено во Оксфорд сега е на критичка точка“, пишува во писмото.

„Универзитетот Оксфорд и колеџите како Вадам се сопственици на десетина згради низ градот кои се сѐ уште празни. Некои од нив се празни речиси цела деценија, а можат да се пренаменат како засолништа, социјално домување или социјални простори“.

Последните бројки покажуваат дека бројот на бездомници во Оксфорд пораснал тројно од 2010.

Сандра Филипс, една од активистките кои го водат засолништето, вели дека кризата со бездомништвото во Оксфорд е влошена од одлуката на градскиот совет да го намали финансирањето на бездомниците за 38 проценти минатата година.

„Шеесет и еден кревет беа изгубени со затворањето на Куќата на Луси Фејтфул, која нудеше поддршка за бездомниците на Оксфорд последните 30 години“, вели Филипс.

„Во наредните 12 месеци, без кревет навечер ќе останат уште 202 лица. Но, овој простор е огромен – буквално може да го смести секое бездомно лице во Оксфорд“.

Вадам има имот со вредност поголема од 80 милиони фунти.

Петиција на change.org бара од колеџот „да ја направи вистинската работа за бездомните лица оваа зима“, а собрала 647 потписи откако била отворена.

Хенри МекГрат, 60, кој престојувал во Отворената куќа Ифли, за Independent вели дека засолништето направило „огромна разлика за неговата добросостојба“.

„Многу беше тешко да се спие на отворено оваа зима, поради поројните дождови и температурите под нулата. Многу е удобно и безбедно, навистина може да се спие таму, без постојано да се будиш поради бучава или од страв дека нешто може да ти се случи“, вели.

„Бездомник сум цела година и никој не направил ништо за мене. Одеднаш се појавија овие луѓе и организираа нешто неверојатно. Тие се само обични луѓе, со обични работни места, а видете што постигнаа за неколку дена. Ако тие можат да постават засолниште, зошто не може советот да направи нешто такво?“, прашува тој.

Група на студенти од Вадам ќе се сретне со претставници на колеџот наредната недела, за да го одбранат засолништето. Проблем е што наредната недела започнува семестарот на студентите, па зградите ќе мора да се испразнат.

Роуан Дејвис, студент на биологија, вели: „Универзитетот Оксфорд има долга историја на користење на својата привилегија за да му помогне на остатокот на заедницата. Да ѝ помогне на група на луѓе кои спијат на отворено за време на зимските месеци е најмалку што можат да направат за да помогнат со токсичната состојба со сместувањето во градот“.

radiomof.mk