Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на „Златниот венец“ на СВП за 2025

Сподели

Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2025 година. Советот за доделување на наградата одлучил „Златниот венец“ да му биде доделен на Штрпка за неговиот богат, автентичен и значаен поетски корпус создаван во текот на шест децении, меѓу 1960 и 2025 година.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција што се одржа во МАНУ. Членовите на Управниот одбор на НУМ Струшки вечери на поезијата едногласно ја донесле одлуката лауреат да биде истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач, кој за пишувањето поезија рекол: „Пишувањето е процес во кој постојано постојам. Човекот треба да пишува не само за да избегне бесчувствителност и лудило туку и за да му помогне во неговиот напор да го развие светот на сопствената перцепција и да му даде артикулација“.

Иван Штрпка е роден во 1944 година во Хлоховец, Република Словачка. Во шеесеттите години на минатиот век, заедно со поетите Иван Лаучик и Петер Репка, ја основа поетската група „Осамени тркачи“, која го напиша манифестот „Враќањето на ангелите“, кој беше забранет. Во него стануваше збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура.

Во текот на Кадифената револуција во 1989 година, беше соосновач и активист на движењето „Јавноста против насилството“, како и главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Негова дебитантска книга е „Краткото детство на копјаниците“ (1969). По книгата „Тристан дрдори“ (1971), имаше десетгодишна забрана за објавување. Има издадено цела низа поетски книги, три книги есеи и романот „Заложник“.

Меѓу неговите најнови книги се: „Тивка рака. Десет елегии“ (2006), „Фрагмент (од витешката) шума“ (2016), „Кај што е мантилот, таму е ветрот“ (2018), „Чекорењето на Хермес“ (2022), „Гестови, факти, први лизгачи“ (2025). Добитник е на повеќе книжевни награди и е преведуван на многу европски јазици. Живее во Братислава, Словачка.

Наградата ќе му биде врачена на лауреатот на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинашното издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 21 до 25 август.

Добитник, пак, на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година, што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка, е полскиот поет Матеуш Шимчик за неговата збирка „Потребни се извори“.