Словенечки владин функционер доби отказ бидејќи не одговорил на новинарски прашања што му биле поставени во интервју.
Имено, словенечката влада го отпуштила шефот на секторот за обновлива енергија, Тилен Смолникар, еден ден по засрамувачкото интервју со новинарката Леа Мајцен, во кое се гледа дека тој нема основни познавања за неговата работа.
Во обидот на Мајцен да го интервјуира Смолникар, на 16 февруари, по прес-конфереција на Министерството за инфраструктура во Брдо крај Крањ, тој покажал очигледен недостиг на знаење за основните податоци поврзани со неговата работа. Новинарката се обидела да му постави десетина прашања поврзани со владините трошоци и расходи за обновлива енергија и за ветерници, на кои тој не можел да одговори.
Во интервју за хрватската телевизија „РТЛ“, Мајцен подоцна изјави дека медиумот за кој работи, одлучил да го објави интервјуто, бидејќи било очигледно дека државен функционер нема основни познавања, а словенечките даночни обврзници му обезбедуваат плата од 2.600 евра.
Инаку, Мајцен е помлада телевизиска новинарка, која пред шест месеци почнала да работи за „Канал А“.