Смена на директори во Клинички центар

Сподели
Почнаа смените на директорите на скопските клиники. Прв кој си замина од директорската позиција е Милан Ристески од Клиниката за онкологија и терапија. На негово место доаѓа д-р Нино Васев. Ристески беше дел од протестите на Иницијативата за заедничка Македонија, а учествуваше и во упадот во Собранието на 27 април, пренесува 24 Вести. 
Со Клиниката за неврохирургија ќе директорува д-р Илија Панговски, кој доаѓа на местото на Александар Чапаровски кој пак е во притвор поради сомнеж за примање на мито. Овие смени засега  и официјално ги потврди министерот Таравари. Се очекува нова листа на разрешувања од раководните позиции на скопски клиники.
„Ќе има ревизии на сите клиники. Назначени се двајца нови директори, последниот период ќе анализираме каква е работата и ќе најдеме решение да поставиме компетентни луѓе кои се почитувани во својата фела.“, изјави Арбен Таравари, Министер за здравство.
Неколку имиња од лекарската фела веќе кружат во јавноста како можни идни директори.
Со клиниката за гинекологија и акушерство се шпекулира дека ќе директорува Викторија Јовановска, а  на Клиниката за Урологија се споменува името на Сашо Дохчев. Покрај нови директорски позиции се очекуваат реформи и во висината нја платите.
На иницијатива на пратениците-лекари од ВМРО-ДПМНЕ, а со поддршка  од нивните сопартијци  беше поднесен  предлог-закон за докторска дејност Со овој закон се бара платата на докторите специјалисти да изнесува четири и пол просечни плати додека, пак, платите на општите доктори да изнесуваат две и пол просечни плати.
На ова реагираше ресорниот министер. Најави дека ќе го разгледа барањето.
„Ќе го разгледаме заедно барањето со сите партии“, изјави Таравари.
Актуелниот министер Таравари најави реформи во јавното здравство со кои ќе се враќа довербата во здравствениот систем и ќе се валоризира квалитетот и знаењето на лекарската фела.