СМК за роденденот на Александар во Музејот на ВМРО: Гробниците на Александар и Филип се во границите на Републиката

Сподели

Светскиот Македонски Конгрес соопшти дека го одбележал раѓањето на Александар Трети Македонски со Академија што се одржала во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје.
smk1
На академијата присутните ги поздравил претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, а реферат за ликот и делото на Александар Трети Македонски поднел дипл.арх.инг. Васил Иљов.

Реферат за стариот македонски броен систем поднел проф. д-р Аристотел Тентов, а поетесата Виолета Сековска ја рецитирала поемата “Александар Трети Македонски“.
smk3

По завршувањето на Академијата присутните направиле заеднички фотографии пред Музејот на македонската револуционерна борба, а со момци и девојки од Детскиот културен центар Карпош облечени во облека на Македонската фаланга, продефилирале до фонтаната со споменикот на “Александар Трети Македонски“ на плоштадот “Македонија“.

smk4

Во соопштението на СМК стои дека „Великиот Цар Александар Трети Македонски, Крал на Македонија и Хегемон на Елините, Крал на Вавилон и Фараон на Египет, Цар на Персија и Крал на Ариевците, е најголемиот император во светската историа!“
Според СМК, гробниците на Александар и Филип се во „границите на републиката“: „Неговата гробница остана енигма до денес, повод е на бројни преданија и локации. Македонците веруваат дека Царот над царевите е погребан во границите на Републиката, како и неговиот татко Великиот Цар Филип Втори Македонски. Божја волја е кога некрополите ќе бидат обелоденети и отворени, светот да ја виде вистината за Македонците и за Македонија!“

smk2

Во излагањето на Тодор Петров „Кон корените на македонската државност“ се укажува:

„Светскиот Македонски Конгрес и Здружението Антички Македонци од Богданци уште во 1990 година доставија писмено барање до тогашното Собрание на Градот Скопје за изградба на огромен споменик на Александар Трети Македонски врз неговиот коњ Букефал на постамент во фонтана со шеснаесет лавови на централниот плоштад “Македонија“ во престолнината на државата Македонија. Благодарност до Здружението Антички Македонци од Богданци за иницијативата и упорноста.
Радува, среќни сме и горди, што после дваесет и една година, на 21 јуни 2011 година, на постаментот во Фонтаната на плоштадот “Македонија“ во градот Скопје, во присуство на градоначалникот Коце Трајановски и авторката на идејниот проект Валентина Стевановска, а со помош на Министерството за култура и Владата на Македонија, се постави Споменикот на Великиот Цар на Македонија, Александар Трети Македонски, на неговиот коњ Букефал.“

Петров информира дека СМК „на 7 јули 2016 година до Советот на Градот Скопје поднесе иницијатива за донесување на Одлука за определување име на фонтаната со коњаник на плоштадот “Македонија“ во Скопје, со предлог на Одлука“, во која стои дека “Таблата со името на фонтаната “Александар Трети Македонски“ на плоштадот “Македонија“ во Градот Скопје треба да се постави најдоцна три месеци од денот на донесувањето на оваа Одлука.“

Според Тодор Петров, „Сеќавањето за времето на владеењето на Филип II Македонски (359-336 година пред нашата ера) и на Александар Трети Македонски (336-323 година пред нашата ера), е навраќање кон македонските корени, кон државноста, културата и историјата на Македонија со континуитет во време и простор од пред новата ера до денес.“

Во своето излагање Тодор Петров смета дека „Македонија е основа на Нова Европа и на Балканот како синоним за Македонскиот полуостров!“ и дека „…сите во основа се Македонци, основата на сите балкански нации држави е Македонија, сите сме биле делови на исти империи на овие простори и носиме исто културно-историско наследство.“

Поменот на „многубожецот“ Александар Македонски („…поклоник на Зевс и Амон во верата и љубовта, жртвеник на Ад и Селена во издржливоста и истрајноста, веселник на Дионис и Баху во хармонијата на звукот…“), кој живеел со векови пред појавата на христијанството, Тодор Петров го завршува со христијански думи: „Вечна му слава и памјат на Великиот Цар на Царевите Александар Трети Македонски, кој духовно не’ обединува каде и да сме, Бог да ги благослови Македонија и Македонците! Амин!“

извор: Слободна