Претседателот на грчката партија Сириза и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас упати видео порака со поддршка на претседателот Зоран Заев, СДСМ и коалицијата „Можеме“.
Во видеото, цитирајќи ги македонските поети Блаже Конески и Владимир Мартиновски, Ципрас посочи дека претседателот Заев и СДСМ отворија ново прогресивно поглавје во историјата на Северна Македонија, но и на европскиот Балкан и дека таквото поглавје базирано на соработка, економски напредок и социјална правда, може да продолжи само со СДСМ и Зоран Заев на чело на идната влада.
Во продолжение, интегрален текст од обраќањето на Алексис Ципрас:
Пред две и пол години го запознав Зоран Заев. Го препознав во него истото она што го покажуваат многу други лидери. Дека тој не зборуваше за минатото, туку за иднината. Тој не зборуваше за проблеми, туку за решенија.
Тој не ги изразуваше балканските несигурности на мала европска земја која се плаши да ја изгуби својата историја, тој ја искажа европската визија за самоуверена балканска земја која се бори за создавање историја. Не историја со војни, нетолеранција и сиромаштија, туку ново прогресивно поглавје во историјата на Европски Балкан, базирано на заемна почит, соработка, толеранција, економски развој и социјална правда. Иднина во ЕУ и во НАТО, како што избра народот на Северна Македонија.
Три години не се доволни за да се исполнат очекувањата на една земја, но како што докажаа Зоран Заев, Никола Димитров и социјалдемократите, доволни се за да ја сменат судбината засекогаш. Има уште многу работа во ова ново поглавје од историјата и таа може да се направи само под водство на прогресивен и храбар лидер како Зоран Заев.
Пред многу години, вашиот голем поет Блаже Конески напиша:
„Уште рика истата мака во мене,
дека сум роден во смачкано племе,
сејач на глуво семе“ .
Но, во последните две години откако го потпишавме Преспанскиот договор, слушам различна песна на надеж, од новата генерација на Северна Македонија.
Владимир Мартиновски вели:
„Купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време.“
Па, и јас, заедно со оваа нова генерација, велам, на 15-ти јули, купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време.