Собранието ги констатира оставките на петмината антикорупционери

Сподели

Државната комисија за спречување на корупција во изминативе години беше Комисија за одбрана на корупцијата – оцени пратеникот Артан Груби при денешното констатирање на оставките. На пет членови на антикорупциска, комисијата за избори и именувања им ги потврди оставките. Со тоа Комисијата остана со само два члена, за кои јавноста се уште врши притисок. Оставка од нив побараа и пратениците од собраниската комисија.

„Не е можно во сите овие години да нема ниту една иницијатива, ниту еден случај на корупција на високи функционери, било од мојата парија или било која друга партија во Република Македонија и затоа ја преименувам комисијава во Комисија за одбрана на корупцијата, а не спречување на корупцијата и ги повикувам сите членови  и преостанатите двајца да дадат оставка веднаш за да пристапиме кон изменување на законот и кон изборот на новиот состав на комисијата“, вели Артан Груби – пратеник

Пратениците од собраниската комисија очекуваат и Сузана Тоскова Аџикотарева и Најдо Спасевски да си поднесат оставки. Не се знае кога Државната комисија за спречување на корупцијата ќе добие нов претседател и нови членови, но пратениците очекуваат тоа да се случи што поскоро.

„Определувањето на новиот мандат – новиот формат на Комисијата за спречување на корупција, убеден сум дека во меѓусебни разговори помеѓу сите релевантни политички фактори, ќе биде што поскоро решен и ќе добиеме комисија во нов формат и со целосно нов мандат“, вели Хари Локвенец – претседател на комисијата за избори и именувања

Прашан за кадарот кој треба да седне во Антикорупциската, премиерот Заев рече дека оваа комисија треба да биде  составена од независни професионалци и експерти, бидејќи станува за една од најсериозните корективи на извршната власт и еден од главните органи кој се бори против корупцијата. Игор Тантуровски, Горан Миленков, Сејди Халими, Жаклина Димчевска и Фарије Алиу си поднесоа оставки откако беше обелоденето дека во извештајот од внатрешната ревизија се наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари. Евентуална злоупотреба на народни пари од страна на антикорупционерите е цел на истрага и на финансиската полиција.