Денеска на седница на комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да се одржи во 13 часот, пратениците ќе расправаат за предлог-одлуката за основање на Комисија која ќе треба да ја оцени основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов.
Барањето за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов, која ја поднесе пратеничката група на СДСМ до вчера ја потпишале вкупно 52 пратеника, што е доволно за да може да се почне процедурата за отповикување на претседателот.
Како што информираат од пратеничката група на опозицијата, иницијативата за отповикување на Иванов ја потпишале пратениците од СДСМ и коалиционите партнери, 16 пратеници од ДУИ, независните пратеници, Лилјана Поповска од ДОМ и Павле Трајанов од Демократски сојуз.
Овие потписи се доволни за иницијативата да влезе во собраниска процедура, но засега нема двотретинско мнозинство, односно 82 гласа, кое се потребни за оваа иницијатива да има позитивен епилог.
Барањето на СДСМ беше поднесено на 13 април, а претседателот на Собранието е должен за оваа иницијатива да формира комисија, која за седум дена од формирањето мора да даде извештај.
Парламентот ќе мора да заседава за седум дена од поднесувањето на извештајот.
Пратениците ќе расправаат за оваа иницијатива, а на седницата претседателот на државата може да одговори или писмено или лично да се обрати пред пратениците.
извор:meta.mk
Собраниската комисија ќе расправа дали да се формира комисија за отповикување на Иванов