Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ, Соња Стојадиновиќ, пишува Соња Стојадиновиќ за Республика
Рециклирањето на отпадот не е пронајдок од поново време, туку нешто што е познато одамна како неизбежен процес во индустријата.
Во бивша Југославија рециклирањето на текстилот и стаклото беа толку раширени системи што едноставно, се подразбирало дека еден производ (од текстил и стакло) ќе се рециклира.
Со откривањето на пластиката како широко употребуван материјал, иако животот донекаде станал полесен, загадувањето станало поголемо. Ако стаклото како амбалажа лесно се рециклира и има долг рок на траење, пластиката ја има со различни состави, различна густина и употреба и таа претставува поголем проблем за рециклирање.
Статистиката на глобално ниво покажува дека само 9% од пластиката во ѓубрето се рециклира, 12% се гори, додека остатокот само се фрла на депонии или во реките и океаните. Според податоците од Европската Унија, од 29 милиони тони пластика која се собрала во 2018 година, помалку од една третина е рециклирана, четвртина е фрлена на депонии, а 43% се изгорени во печки за ѓубре.
Како се рециклира пластиката и зошто сè уште ја има толку многу?
Пластиката која не се рециклира има животен век од 500 до 1000 години пред да се разгради. Не се рециклира секој тип на пластика и тоа е еден од проблемите за големото загадување од пластика на глобално ниво.
Дополнителен момент е фактот дека рециклираната пластика има помал квалитет што ја прави помалку корисна за нова употреба. Сортирањето на пластиката за рециклажа се врши мануелно и автоматски, додека рециклирањето оди механички и по хемиски пат. Во механичкиот процес, пластиката се сортира, мие и механички се меле до ситни парчиња, додека во хемискиот процес се разложува до мономери кои при хемиско спојување потоа создаваат нов пластичен полимер.
Според составот, пластиката се дели на онаа која може да се рециклира, онаа која делумно може да се рециклира и онаа која не се рециклира. Пластика која најчесто се рециклира е обележана со бројка и кратенка на хемискиот состав на пластиката.
Причината поради која некои пластики не се рециклираат е нивниот состав на полимерите. Одново соединување на полимерите кои се во составот на пластиката е невозможно и затоа некои типови на пластика не се рециклираат. Примери за пластика што не може да се рециклира се биопластика, композитна пластика, хартија за завиткување обложена со пластика, поликарбонат и пакувања за храна. За жал, оваа пластика која не се рециклира, завршува на депонии.
Дополнителен фактор за намалениот опфат со рециклажа е што рециклирањето на пластиката е скап процес, како и фактот дека колку повеќе пластиката се реупотребува, толку повеќе таа станува токсична.
По кинеската забрана – пластиката остана во Европа
Откако Кина забрани увоз на ѓубре од европските земји во 2018 година, процентот на пластика која не се рециклира и останува на депониите се зголеми. Европските земји најдоа замена за Кина, во Турција. Во обид да го намалат присуството на пластика, во ЕУ се воведоа повисоки даноци за пластични производи, поточно 80 евро центи по килограм на нерециклирана пластика.
Извор: pexels.com
Сепак, без разлика колку и да се форсира рециклирањето, проблемот на селектирање на пластиката за рециклирање останува кај потрошувачите додека индустријата дава силен отпор во промена на своите системи на работа.
Отпорот потекнува од пресметката дека повеќе профит носи пластичната амбалажа за една употреба, отколку користење на амбалажа како стакло или алуминиум која полесно се рециклира и помалку или воопшто не загадува. Дополнителен проблем е што гигантите како Кока-кола и Спрајт чии шишиња најмногу се наоѓаат во отпадот, не се казнети поради масовно производство на пластика и отсуство на рециклирање.
Јавните повици да се намали со употреба на пластична амбалажа од корисниците не можат да придонесат во намалување на загадувањето од пластиката.
Индустријата за рециклирање, заедно со активистите, повикува на помала употреба на производи од пластика, но и воведување на замена за пластичната амбалажа со амбалажи кои помалку загадуваат и се полесни за рециклирање.
Македонија, рај за увоз на отпад и пекол за рециклирање
Иронијата на македонскиот систем на рециклирање е што кај нас се рециклираат акумулатори и електроника, а дел од тој вид отпад се извезува во соседните земји. Акумулаторите се најчестиот производ и отпад кој се рециклира во Македонија. Хартиената и стаклената амбалажа се собира и извезува, додека за пластичната амбалажа нема рециклирачки капацитет.
Проблемот во Македонија со пластичниот отпад не е само во отсуство на капацитети за рециклирање, туку и во слабо контролираниот увоз на ѓубре кое се користи како гориво во фабричките капацитети. Не само што депониите се се’ повеќе полни со пластичен отпад, заедно со зелените површини низ државата туку и аерозагадувањето е зголемено поради горење на ѓубре. Ова ѓубре се увезува од ЕУ и од соседните земји и трагедијата да биде уште поголема, се увезува многу повеќе ѓубре отколку што се извезува.
Активистите и организациите за заштита на околината со години предупредуваат дека увозот на ѓубре за горење во фабричките постројки силно го загадува воздухот, но глорификуваната бизнис заедница упорно лобира за поголем увоз на ѓубре за горење.
Нерециклирањето на пластиката уште повеќе загадува заедно со горењето на ѓубрето, а во меѓувреме, Македонија нема развиен бизнис за рециклирање на пластика кој ќе придонесе во намалување на загадувањето од пластиката. Воопшто не е решение да се водат кампањи за рециклирање на отпадот кога нема капацитети за рециклирање на пластиката, многу ѓубре се увезува, а малку се извезува.
Пример кој ни е во соседството, а упорно избегнуваме да го примениме е Љубљана. Властите на овој град уште од 2002 година почнале со систем на рециклирање и собирање на отпад за во денешно време да станат пример на ниво на ЕУ како се одржува градот чист без загадувања.
Време е да почнеме да бараме производи без пластика, а во исто време, да бараме да не се увезува ѓубре за горење и да престанеме да бидеме неофицијална депонија на ЕУ и остатокот на богатиот свет.