Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува однесувањето на синот на сопственикот на „1ТВ“, Бојан Јовановски кој вербално и се закани на новинарката на агенцијата „Макфакс“, Мери Јордановска поради нејзините јавни критики за емисијата „Македонски инсајдер“, што се емитува на оваа телевизија.
Секој вид на притисок или закана од страна на лица на менаџерски позиции или блиски до нив врз новинари, претставува загрозување и кршење на слободата на изразување и информирање. Ваквите појави негативно се одразуваат на слободата и независноста на медиумите, водат кон појава на автоцензура и придонесуваат за уназадување на демократскиот развој на општеството.
За потсетување, согласно Законот за медиуми новинарот има право на изнесување на свое мислење и став, согласно со професионалните правила на новинарската професија. Од друга страна, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им наложува на радиодифузерите при вршење на дејноста да ја почитуваат самостојноста, независноста и одговорноста на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.