ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека денес имал конструктивна и значајна средба со рускиот колега Владимир Путин и изрази целосна доверба дека процесот на нормализација на односите меѓу Турција и Русија интензивно ќе продолжи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган и Путин се сретнаа денеска во Истанбул, на маргините на 23. Светски енергетски конгрес, а на заедничката прес-конференција по состанокот, Ердоган рече дека дневниот ред на денешната средба бил богат и дека ставена е точка со потпишување на билатералниот договор за проектот за изградба на гасоводот „Турски тек“.
Првиот човек на Турција, Ердоган, рече дека со Путин разговарал и за моменталната ситуација во регионот.
„Имавме можност да разговараме за ситуацијата во Сирија од неколку аспекти. Разговаравме за офанзивата „Штитот на Еуфрат“. Ги разгледавме можностите за соработка по ова прашање. Особено разговаравме за настаните во Алепо, за тоа кои стратегии може да се имплементираат кога станува збор за хуманитарната помош и за тоа како луѓето во регионот што е можно побрзо да го дочекаат мирот и стабилноста”, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека билатералните односи меѓу Анкара и Москва ќе се интензивираат на сите полиња, Ердоган рече дека за соработката во решавањето на сириската криза наскоро ќе разговараат поконкретно дипломатски и воени претставници на двете земји.
Осврнувајќи се на уште еден започнат турско/руски енергетски проект за изградба на нуклеарната централа Акују, Ердоган рече дека двете страни се согласни тој процес забрзано да продолжи.
Тој додаде дека е убеден оти изгубениот период поради застојот во билатералните односи ќе биде компензиран со забрзување на соработката во наредниот период.
Рускиот претседател Путин по состанокот со турскиот колега Ердоган изјави дека владата на Русија денес донела важна одлука да ги отвори руските граници за увоз на турските производи, а чиј увоз во изминатиот период беше прекинат или ограничен.
„Особено, тоа се однесува на цитрусите и другите видови свежо овошје, зеленчук и земјоделските производи за кои го отворивме рускиот пазар. Тоа е одлука која е од заемен интерес бидејќи рускиот земјоделски сектор не произведува таков вид на стока. Со увозот од Турција ќе ги намалиме цените на рускиот пазар”, рече Путин.
Укажувајќи на потпишаниот билатерален договор за „Турски тек“, Путин рече дека во тој контекст е постигната согласност за намалување на цените на рускиот гас кон Турција. Додаде дека се тоа чекори во склад со целите на турскиот државен врв, да ја изградат Турција како енергетски центар на регионот и светот.
И Путин нагласи дека со Ердоган разговарал за ситуацијата во Сирија и додаде дека е двострана желбата што поскоро да се премине на процес на политичко решавање на сириската криза.
„И Турција и Русија сакаат да биде завршено крвопролевањето во Сирија”, истакна Путин.